Македонија
22. August 2019 - 14:52

Жителите на Речане бараат заштита од правот што го шират каменоломите

На протесетен собир, жителите на гостиварското село Речане искажаа незадоволство од загадувањето кое доаѓа од каменоломите кои работат во близина. Тие упатија и апел до надлежните државни и општински служби да ги преземат потребните мерки. Незадоволните жители најавиjа радикални мерки на протест и блокирање на магистралниот пат кој води кон Кичево.

Група селани денеска на протесетен собир рекоа дека се соочуваат со проблеми предизвикани од работањето на каменоломите кои се во нивниот атар. Тие се жалат на големото количество прашина која паѓа врз нивите кои ги обработуваат и нивните домови. Сметаат дека освен врз околината, земјоделските производи, прашината штетно влијае и врз здравјето на луѓето.

– Проблемот со каменоломите во околината селото Речане трае со години. Но, последниве три-четири години со нивната интензивна работа, состојбата се влошува. Се создава прашина која ја загадува пошироката околина. Во неколку наврати сме се обратиле и до сопствениците и до Министерството за животна средина за да се надмине проблемот, но за жал освен ветување дека ќе преземат чекори, ништо друго не е направено, рече за МИА, Љазим Саити жител на село Речане.

Речанци се револтирани и од односот на инспекциските служби кои според нив не ја вршат нивната обврска и да ги обврзат сопствениците за да ги почитуваат условите пропишани со закон.

– Не ни е јасно како ги добиле лиценците кога не ги исполнуваат условите. За тоа не треба посебна експертиза, тоа се гледа и со голо око, се наоколу е побелено од прашината. Овие каменоломи не можат да добијат „Б“ дозвола, а камоли „А“ која е пропишана за нивната работа, беше речено на протестот.

Селаните од собирот упатија апел до државните органи и локалната самоуправа да дојдат во најскоро време. Во спротивно, како што рекоа,

доколку состојбата остане ваква и не се почне со решавање на проблемот, ќе иницираат протести со блокади на магистралниот патен правец Гостивар-Кичево на непоределно време.

Во атарот на селото Речане има четири камеломи, а на потегот од Гостивар до крстосницата за Маврово вкупно се седум.