Македонија
8. January 2017 - 19:42

Жител на Сопот на Божик изгорел во својот дом

Живко Поповски, 58 годишен жител на светиниколското село Сопот смртно страдаше во пожар. Вчера околу 9 и 30 часот, соселаните забележале оган како ја обвиткува помошната просторија до куќата на Поповски. Веднаш почнале со гаснење со кофи вода и снег, меѓутоа не успеале да го спасат нивниот соселанец. 

Била повикана и противпожарната единица, но тие успеале само да го локализираат пожарот да не се префрли и на останатите објекти. По извршениот увид на лице место, мртвопроверител констатирал дека нема знаци на насилство.

Телото било пронајдено во јагленисана, односно карбонифицирана состојба. Бидејќи во помошната просторија немало довод на струја, се исклучува можноста причина за пожарот да биде краток спој или заборавено електрично грејно тело.

Истрагата треба да покаже како избувнал огнот. Живко Поповски живеел сам и во критичниот момент немало кој да му помогне. По извршената аутопсија телото е предадено на членовите на неговото семејство.