Женското претприемништво неискористена можност за економски раст
Претставничките на понежниот пол бараат да се зајакне економската позиција на жените во урбаните и руралните средини, како и еднакви можности за активно вклучување на пазарот на труд и раководење со повисоки позиции. Тоа, според нив, може да биде клучно во менувањето на економската моќ на земјата.
Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2017 година, како што истакна потпретседателот на ССК, Габриела Кулебанова на денешната прес-конференција, покажуваат дека голем процент од работоспособните жени во Македонија не се активни на пазарот на трудот. Посочи дека согласно податоците на ДЗС, 53,5 отсто од работоспособните мажи биле вработени, 15,8 проценти невработени, а 30,7 отсто неактивни. За разлика од нив, од работоспособното население кај женската популација само 34,6 отсто биле вработени, невработени 9,7 проценти, а неактивни биле високи 55,7 отсто.
-Сето ова укажува на фактот дека жените не само што тешко доаѓаат до раководни позиции, туку дека тие се надвор од пазарот на трудот. Согласно анализите тоа се должи на стереотипната перцепција за улогата на жените во општеството, како и фактот дека голем дел работат во рамките на сивата економија. Дополнително, иако дури една третина од компаниите во државава се основани од жени и официјално жени се назначени на највисоката раководна позиција, во пракса тоа воопшто не е така, поточно е само на хартија, додека таа функција реално ја вршат мажите, рече Кулебанова.
Нагласи дека во земјава не постојат релевантни податоци за застапеност на жените во управувачките структури во компаниите, иако, како што рече, несомнена е улогата на жените за развој на приватниот бизнис и севкупен економски раст.
Побара сите чинители во општеството да се фокусираат на обезбедување на еднакви можности за жените особено на повисоките позиции бидејќи тие често се работна сила на пониско ниво.
-Затоа е неопходно сите чинители да помогнат за промоција и зајакнување на потребата за развој на женското претприемништво… Детектирани се најголеми предизвици на жените кога сакаат да започнат деловни потфати, а тоа се пристапот до финансии, до информации, пристап до знаење и вештини за претприемништво, пристап до бизнис мрежи и ускладување на работниот и семејниот живот, рече Дисоска.
За да се одговори на овие предизвици, нагласи, потребно е креирање на поволен деловен амбиент за развој на женско претприемништво преку координација во креирање и спроведување на политики за развој на женско претприемништво, анализа на регулативата која влијае на претприемничката активност на жените, како и креирање на статистика за следење на деловната активност на жените.
-Притоа треба да обезбедиме системска поддршка за развој на женското претприемништво како, подобрување на пристапот до поволни форми на финансирање, обезбедување на потребните знаења и вештини, со посебно нагласување на зајакнато присуство на жените во креирање на политики за развој на претприемништво, посочи Дисоска.
Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери истакна дека посебно внимание посветуваат на маргинализираните групи во руралните средини како што се жените и младите, со особен акцент на жените кои се невидливи потпори во руралните средини.
-Само пет проценти од руралните жени се сопственици на имот и земјоделско земјиште, а најголема пречка и понатаму се традиционалните норми со кои се префрла имотот на мажите. Највисоки стапки на невработеност се забележани кај младите рурални жени, од кои 59отсто се на возраст од 20 до 30 години. Околу 64 проценти од руралните жени не се активни на пазарот на труд, а најголема причина за тоа се негата на децата, како и неплатената работа во домаќинствата и семејните фарми, рече Мојсовска.
Потребни се, додаде, ефективни, а не дискриминаторски мерки, како мерката 115 во четири годишната програма за рурален развој 2018 -2021, во која се поставени дискриминаторски услови за поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, односно се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри.
-Бараме оваа мерка да постои и да се предефинираат условите за апликација, која ќе ги опфати регистрираните жени земјоделци. Потребно е Владата да воспостави сет на економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа за семејството и земјоделската работа, остварување на правото на пензија и породилното отсуство, потенцира Мојсовска.
Ново на Сител
-
ЦУ: Спречен шверц на злато, лекови и фотоапарати
-
Еден од двата лифта расипан во МРТВ, ред се чека 40 минути | ФОТО
-
Руски брод потона по експлозија
-
Снег и ветер го блокираат Балканот: Патувајте само ако е неопходно
-
Шпанија: Откриени компании кои увезле 2.000 тони фалсификувана стока во ЕУ
-
Безбедна водата за пиење во Скопје
-
Спроведени 62 вонредни контроли на новогодишни пакетчиња, кај две најдени производи со изминат рок
-
Тошковски: Нема официјална потврда од ниедна соседна земја каде е Груби