Македонија
28. March 2019 - 12:19

Жбогар: Од огромна важност е СЈО да продолжи со гонењето на оние кои се одговорни

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) значително придонесе кон повторно воспоставување на одговорност и кон борбата против неказнивост. Од огромна важност е СЈО да продолжи со гонењето на оние кои се одговорни, на сторителите, и тоа да го прави на професионален начин и независно, вели во пишаната изјава шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Самоел Жбогар.

Европската Унија, како што посочува тој, ги следи одблиску подготовките за измена на Законот за јавно обвинителство, кои имаат за цел да го вклучат функционирањето на СЈО како составен дел од Јавното обвинителство.

 –Се сеќаваме дека СЈО беше воспоставено од главните политички партии преку Договорот од Пржино, со цел да се обезбеди превземање одговорност за нелегалните пресретнувања на комуникациите, како и за содржината на истите, вели Жбогар.

Посочува дека одблиску ги следеле дискусиите за нацрт законот, што се одвиваа помеѓу Владата и главната опозициска партија.

-Ги поттикнуваме сите парламентарни политички партии и почитувани членови на Собранието позитивно да го земат во предвид усвојувањето на законот. Ова ќе им ја покаже на граѓаните, како и на меѓународната заедница, посветеноста за утврдување одговорност за сите кривични дела, особено за корупцијата на високо ниво и злоупотреба на моќ, но и за зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија. Исто така, ќе придонесе кон исполнување на желбата на граѓаните за фер општество, засновано на правила, што всушност е суштината на процесот на проширување на Европската Унија, истакнува Жбогар во изјавата во врска со измените на Законот за јавно обвинителство.