Македонија
7. October 2016 - 16:15

Жбогар: Фер кампања и кредибилни избори во декември клучни за разрешување на кризата

Евроамбасадорот Самуел Жбогар уште еднаш ја потенцираше важноста од декемвриските избори и предизборниот период за иднината на Македонија. Според Жбогар кризата предолго ја парализира државата.

,,Фер кампања и кредибилни избори во декември се клучен услов и прв чекор кон решавање на долготрајната политичка криза. Оваа криза нанесе сериозен удар не само на политичкиот систем, туку и на самите темели на владеењето на правото и демократскиот поредок и ја парализира земјата предолго’’, изјави Жбогар.

Евроамбасадорот предупреди дека предвремените парламентарни избори ќе бидат свовиден тест за земјата.

,,Декемвриските избори ќе бидат тест за одговорноста, тест за зрелоста на земјата, за вашите лидери, за институциите, за јавните службеници, за медиумите и првенствено за граѓаните. Се надеваме, очекуваме дека ќе успеете. Со тоа вашата земја ќе се врати на евро-атлантската патека каде припаѓа, кон значајните реформи и кон просперитетот’’, изјави Жбогар.

Политичките партии играат клучна улога во демократијата и ја реализираат волјата на граѓаните. Жбогар е оптимист и верува дека со силна политичка заложба и напори од сите релевантни фактори кризата ќе заврши. Инаку, вчера од Европската комисија потврдија дека на 14. октомври во земјава ќе престојува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Теми на средбите во Скопје ќе бидат организацијата на изборите и имплементацијата на итните реформски приоритети.