Македонија
10. August 2019 - 13:27

Зголемена потрошувачката од градскиот водовод во Кочани, рестрикции ќе нема

Потрошувачката на вода за пиење од градскиот водовод во Кочани за само една недела е драстично зголемена во однос на истиот период лани. Во моментот од бунарскиот систем Грдовски орман до станицата за пречистување се испорачуваат по 190 литри вода во секунда, што е за околу пет отсто повеќе од почетокот на месецот.

Од јавното комунално претпријатие „Водовод“ информираа дека снабдувањето на корисниците е стабилно и нема рестрикции, освен што во делови од високата зона во градот има повремено намалување на притисокот.

-Во моментот активни се сите бунари со кои ја снабдуваме филтер станицата, нивната издашност е на задоволително ниво, а и системот за препумпување е во функција, па во тој дел немаме никакви проблеми. Во просек дневно се испорачуваат по околу 16 илјади кубни метри вода, а поради опаѓањето на притисокот во дел од мрежата регистриран е пораст на дефектите, па додека интервенираат нашите екипи можно е некои потрошувачи да имаат прекин од неколку часа. Сепак, рестрикции во водоснабдувањето на граѓаните досега немаше, а така ќе биде и до крајот на летото, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Порастот на потрошувачката на вода од градскиот водовод, очекувано, е резултат на високите дневни температури, но и поради осетното зголемување на бројот на граѓани кои живеат и работат во странство, а во овој период се дојдени во родниот крај, рекоа во „Водовод“.

И покрај стабилноста во испораката на вода до потрошувачите, од кочанското комунално претпријатие упатија апел за нејзино рационално користење, особено во раните утрински и доцните попладневни часови.