Македонија
31. August 2018 - 17:22

Зголемен бројот на првачиња во Струмица, намален во околните села

Во општина Струмица оваа учебна година ќе има повеќе првачиња.  Во однос на лани годинава се запишани 61 прваче повеќе. Но и покрај зголемениот број,  во пет училишта првоодделенските клупи годинава ќе останат празни, а во две се запишани само по еден ученик.  Зголемениот број е пред се во училиштата во градот, додека намалување има во селските средини.  Причини за ваквата состојба има повеќе, но основната е иселувањето на родителите кои одлучиле нивните деца образованието да го продолжат во земјите во кои кои моментално тие престојуваат и работат.

,, Лани до 31 август 2017 година, во прво одделение во општинските основни училишта биле запишани 499 ученици, а годинава заклучно со 24 август се запишале вкупно 560ученици, 288 машки и 272 женски. Иако вкупниот број на запишани првачиња е зголемен во однос на минатата година, за жал, во населените места Сачево, Габрово, Дорломбос, Мемешли и Орманли нема запишано ниту еден ученик во прво одделение, а по 1 ученик има запишано во Водоча и Попчево,,. Вели КОСТА ЈАНЕВСКИ – ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА СТРУМИЦА

Од вкупниот број првачиња,   461 ученик се запишани во матичните основни училишта, а останатите 99 се запишани во подрачните училишта.  Годинава за прв пат во општина Струмица ќе започне да функционира и целодневен престој за деца на возраст од 6 до 10 години. Со нив ќе работи едуциран персонал, воспитувачи за одделенска настава.