Македонија
13. July 2026 - 16:32

Ново видео со врсничко насилство

Турната во ќош. Шамари, боксови, клоци. Ново видео со врсничко насилство, овој пат од Куманово објавено на социјалните мрежи.

Три девојчиња малтретираат врсничка додека таа бара да престанат. Сите четири девојки зборуваат на албански јазик.

Полицијата го истражува случајот, но засега не дава конкретни информации за случајот.

- Во врска со објавеното видео за кое прашувате ве известуваме дека СВР Куманово во координација со ОЈО Куманово презема мерки и активности за расчистување на случајот по што соодветно ќе ја известиме јавноста, велат од полицијата.

Ова само една од низата видеа кои во изминатиот период испливуваат на социјалните мрежи, а на кое може да се посведочи како група млади се изживуваат врз свои врсници, како случајот во скопски аеродром, за кој на Обвинителството му беа потребни цели 15 дена за да побара мерки против злосторниците.

Во изминатите месеци врсничкото и семејството насилство се повеќе добива на замав. Според податоците кои неодамна ги сподели министерот за внатрешни, Тошковски. Во првите пет месеци од годинава се бележи раст на пријавите за семејно насилство за дури 67%. Владата дури стартуваше и нова национална иницијатива со која се поврзуваат образовниот систем, безбедносните структури и социјалните служби во обид на намалување на семејното и врсничкото насилство.

И покрај тоа, млада кумановка, Меланија Цветковска вчера беше принудена јавно, на Инстаграм, да раскаже низ каква агонија поминува поради својот татко алкохоличар за институциите покажат иницијатива и барем привремено да ја спасат жртвата од насилникот и принудно да го испратат во Психијатриската болница Демир Хисар.