Земојделците бараат стабилни откупни цени, трговците ветуваат пласман без проблеми на пролетната зелка
На десетина дена пред почетокот на интензивната берба на пролетната зелка и земјоделците и трговците очекуваат пласманот да помине без турбуленции и дека нема да се повторат ланските слики со откупот на пролетната зелка, кога револтот на земјоделците кулминира со блокади заради ниските откупни цени.
Трговците оптимизмот го темелат на фактот што зимската зелка годинава по подолго време има добра откупна цена, која пред крајот на бербата е околу 35 денари за килограм, а сигурниот пласман на пролетната зелка го поврзуваат со фактот дека нема одеднаш да стаса целото производство.
-Годинава помал дел од пролетната зелка е засеан пред големите студови и мразот, а останатиот, поголем дел, потоа. Очекуваме да се појави вакуум од 15 до 20 дена, по што ќе стаса за берба и пролетната зелка што е засеана на отворено. Тоа ни дава за право да сметаме дека нема да има хиперпроизводство и барање да се откупи зелката по секоја цена, смета Благој Витанов, трговец од Струмица.
Очекува откупната цена на почетокот да изнесува од 35 до 40 денари за килограм.
Производителите на пролетна зелка не очекуваат дека ќе се повтори ланската лоша година, кога мака мачеа со пласманот.
-Иако на одредени површини се берат мали количини зелка, сепак сè уште е рано да се каже што ќе се случува. Но, ако се суди по сегашните цени, кога пролетната зелка се продава за 50 денари за килограм на мало, тогаш треба да очекуваме добра сезона, смета Коце Божиков, производител на пролетна зелка од селото Дабиле.
Додава дека за нив е најважно во текот на целата откупна сезона откупната цена да не падне под 20 денари.
-На почетокот на бербата и пласманот сосема е очекувано пролетната зелка да има повисока цена, но доколку до крајот на производствениот циклус не падне под 20 денари за килограм, тогаш можеме да кажеме дека сме поминале добро, рече Божиков.
И други откупувачи го делат оптимизмот на земјоделските производители за успешен пласман на една од првите раноградинарски култури.
-Очекувам добра сезона, бидејќи нашата пролетна зелка нема да стаса одеднаш и со тоа да се создаде вишок на пазарот. Очекувам динамиката на берба да трае од 2,5 до 3 месеци и тоа е добро и за производителите и за нас. Секако, многу е важно оваа култура да има добра откупна цена доколку ресорното министерство ги одржува неделните откупни цени што се законска обврска за откупувачите, смета Ацо Стоилков, откупувач од Струмица.
Трговците потврдуваат дека пласманот на земјоделски производи тече непречено на сите пазари. Најголем дел од годинашново производство на зимска зелка заврши во Романија, потоа во Украина, Србија, Бугарија и во Русија. Очекуваат на истите пазари да се пласира и пролетната зелка.
Инаку, во Струмичкиот Регион се засадени над илјада хектари под оваа култура и се очекува принос од над 50 илјади тони.
Ново на Сител
-
Обилни снежни врнежи во Турција: Затворени училишта и спасени стотици граѓани
-
Руски патнички авион се запалил синоќа при слетување на аеродромот во Анталија, евакуирани 89 патници
-
Новата изјава на Кешишев која негира дека Палчо ги сторил убиствата нема доказна вредност
-
Берлин е домаќин на разговори на европски министри за одбрана
-
Молика стара 250 години и стотина стебла стари над 200 години искрши ветерот на Пелистер
-
Два пиштоли и 30 куршуми одземени од 30 годишник од кумановско
-
Српскиот премиер тврди дека сите што се виновни за падот на настрешницата ќе бидат кривично гонети
-
Вардар подобар од Алкалоид во дербито на ракометната Суперлига