Македонија
14. јуни 2016 - 13:48

„Зелена недела“ и „Имам право да знам што јадеше моето дете“ во струмичките градинки

Во струмичките градинки се спроведува проектот „Зелена недела“ на Градската библиотека „Благој Јанков Мучето“ и ЕУ инфо центарот. Манифестацијата има едукативен дел кој се состои од предавања и практичен дел во кој дечињата засадуваат семиња и цвеќиња.

Целта на проектот, кој ќе се спроведува до крајот на неделава  е подигање на еколошката свест на децата уште од најрана возраст.

- Тргнавме во посета на градинките. Децата се оние кои најмногу го сакаат цвеќето и ќе научат како се одгледува. Деновиве во сите клонови ќе има презентација, ќе ги научиме децата да го одгледуваат и сакаат цвеќето. Многу сме задоволни од првичните реакции на најмладите откако ја видоа презентацијата и со радост ја прифатија. Се надевам дека оваа акција ќе продолжи и натаму да се одржува, рече Тања Гошева, директор на Градската библиотека.

Истовремено, во струмичките градинки се реализира проектот „Имам право да знам што јадеше денес моето дете“ кој го реализира општината, а им дава можност на родителите да ги видат условите во кои се подготвува храната за нивните деца.

Дивна Молчанова, советник за заштита на деца во општина Струмица информира дека идејата за реализирање на овој проект беше поттикната од можноста да се анулира или намали загриженоста на родителите за престојот на нивните деца во градинките, како тие се хранат, како им се подготвува храната и во какви услови.

- Пред да почне со реализација проектот помина низ повеќе фази од кои првата беше информирање на родителите за целите на проектот, формирање повеќе групи од родители кои ќе бидат контролори во градинките и на крај обуки на тимовите од родители за да знаат на што треба да внимаваат при вршењето на контрола во градинките, а тоа значи како се складира храната во магазините и под какви услови, како се подготвува и на крај како таа им се дели на дечињата. Со непосредно, директно вклучување на родителите во овој проект за контрола на градинките, за овој краток период, можам слободно да констатирам дека резултатите се позитивни, вели Молчанова.

Проектот почна да се имплементира од средината на месец март. Надлежните велат дека секој родител што има дете со престој во градинка може слободно и непречено да се вклучи во проектот.