Македонија
2. April 2020 - 8:51

Здравствениот систем подготвен за пикот од епидемијата што се очекува на крајот на април

Здравствениот систем во земјава е подготвен да прими многу поголем број пациенти отколку што сега се третираат во болниците, а спремен е и за пикот на епидемијата од коронавирус кој според проценките би требало да се случи на крајот на месец април. Тоа го овозможува  целокупната поставеност на здравствениот систем, бројот на лекари специјалисти, бројот на матични лекари, пристапот на пациентите кон зравствената заштита, кон институциите, која е сосем солидна.

Ова го тврди министерот за здравство Венко Филипче, според кого за зголемување на капацитетите за хоспитализација на инфицираните од Ковид-19, ќе придонесе и Мобилната болница покрај Инфективната клиника која се очекува денеска да биде ставена во функција.

– Го очекуваме пикот и понатаму и мислам дека моделот на третман на којшто ќе се лечат тешките, средно тешките пациенти во институции каде што има специјалисти по инфективна медицина, тука пред се мислам на Клиниката за инфективни болести со дополнителен капацитет кој практично сега ќе биде дуплиран, понатаму болницата „8 Септември“ каде има и инфектолози и инфективно одделение меѓутоа и други капацитети, сосем доволна бројка на болнички кревети во комбинација со домашното лекување како пример кој го земавме од пристап кон пациентите со коронавирус во Германија е сосем солиден и може да се аплицира во нашата земја, може да апсорбираме поголем број пациенти, изјави вчера Филипче.

Според него, добро е што системот на некој начин е воспоставен меѓу повеќе нивоа на институциите во рамките на здравствениот систем.

Тој посочува дека во земјава има доволен број епидемиолози и инфектолози. При тоа од околу 60 инфектолози значителен дел работат на Клиниката за инфективни болести, а останатите во одделенијата ширум државата. Во овој момент, според информациите со кои располага, има еден инфектолог заболен од Куманово, и инфектолог од Штип кој е во самоизолација.

Инаку, во очекување на натамошно ширење на епидемијата во земјава, чиј пик се очекува кон крајот на април, Министерството за здравство отвори наменски донациски сметки за прибирање директна финансиска помош во парични донации за набавка на стоки, добра и услуги кои се потребни заради заштита на населението од коронавирусот.

Во изминатите 24 часа починала една 65-годишна жена, а регистрирани се 25 нови случаи на коронавирус во земјата со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 изнесува 354 лице. Вкупниот број тестирања досега извршени во земјава се 3.775.

На Клиниката за инфективни болести заклучно со вчера, примени биле девет нови заболени од коронавирус, со што вкупниот број хоспитализирани е 59, 12 се со потешка клиничка слика од кои пет се поставени на механичка вентилација. Со ова капацитетите на Инфективна се исполнети со 50 проценти.

Воедно, од Клиниката за инфективни болести се испишани пет пациенти на кои им се направени два контролни тестови кои се негативни, тие се во добра здравствена состојба и ќе се упатат на домашно лекување. Од 28 пациенти во Дебар кои се на домашно лекување, појасни, на 11 од денеска, па во следните денови се земаат контролни брисеви и тие се во добра здравствена состојба.

Во однос на тестирањето, министерот за здравство најави дека.во план е зголемување на капацитетот на пунктовите за тестирање во сите општини каде тоа е потребно, со оглед на фактот што во некои општини е зголемено времето на чекање за земање на брис материјалите за испитување.

Со отворање на четвртиот пункт вчера, дуплиран е капацитетот во Скопје, а ќе се отворат и уште пунктови.

-До минатата недела во Скопје работеа два пункта, а денеска се отвори и четвртиот. Денеска не известија дека е подготвен и ставен во функција и пунктот во Млин Балкан поликлиниката и мобилната екипа за постарите граѓани согласно укажувањето од матичните лекари. Со оглед на тоа што во одредени делови во одредени општини навистина се зголеми времето на чекање за зимање на брис материјал за испитување, во план сме да се отвориме уште повеќе пунктови и во оние општини каде е потребно, додаде министерот.

До крајот на неделата освен во центрите за јавно здравје, и во здравствените домови, според Филипче, ќе се отворат еден или два пункта, согласно големината на здравствениот дом. Ова во Скопје веќе се планира, а во другите општини најпрвин ќе се анализира дали со зголемување на бројот на пунктовите ќе се скрати времето на чекање.

По примерот од европските земји и кај нас се најавува следење на лицата кои се во изолација преку мобилна апликација, која во моментов се изработува.

-Лицата во изолација ќе бидат следени електронски, тоа е нешто што го работиме заедно со Министерството информатичко општество и администрација, веќе се изработува една апликација по примерот на повеќе европски земји. Мислам дека е нешто што навистина може да користи, посебно во некои делови на земјата, најави Филипче и додаде дека апликацијата ќе биде презентирана во јавноста веднаш по нејзиното техничко изготвување.