Македонија
15. November 2017 - 10:16

Заврши реставрацијата на стражарницата и чешмата на влезот на Рајчица

По повеќе од една година завршија реставраторските работи на стражарницата и чешмата пред влезот на женскиот манастир „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица. 

Ова е втора реставрација на споменатиот објект, инаку некогашно егзархиско црковно училиште, кое било изградено во 1875 година и функционирало до 60-те години од минатиот век, бидејќи се дотогаш селото било цело населено со жители Македонци со православна вероисповед.

Но, за жал, како што вели сестра Ефимија, поради неблагопријатните животни околности за време на балканските и Првата светска војна, како и поради процесот на миграција село-град после Втората светска војна, дошло до тоа речиси сите жители од селото да се иселат. Денес во селото живеат само три православни фамилии. 

- Првичната реставрација на црковното училиште беше спроведена уште при самата возобнова на Манастирот во 2001 година, кога тоа беше украсено со нова фасада, прозорци и покрив. Тогаш беше и пренаменето во стражарница. При обновата целосно беше сочуван симболот што се наоѓа на предниот ѕид од објектот, кој останува автентично да сведочи за историските прилики на времето кога било подигнато училиштето, истакна сестра Ефимија.

рајцица симбол

Според неа, овој тогаш многу значаен егзархиски училишен објект, бил финансиран од Црквата и тоа во тешките години на османлиското владеење. Покрај крстот како знак дека станува збор за православно црковно училиште, на симболот била поставена и месечина, во знак на благодарност што од страна на османлиските власти било дозволено да се изгради училиштето. 

- Самата, пак, чешма пред училиштето била направена нешто подоцна, во 1882 година, од бигорскиот монах Неофит, вешт каменорезец. Од записите дознаваме дека истиот овој монах е заслужен за изградбата и на познатата Бигорска чешма што денес се наоѓа под тремот на храмот, како и за испосницата во близина на агиазмата на Живоносниот Источник – Балаклија, под манастирот. Подоцна, игуменот го задолжил да ја направи и оваа чешма, што тој ја украсил со прекрасен византиски крст и со уметнички изработен натпис, во кој ги навел годината на изградба и своето име. Со тек на време, изложена на негрижа и заборав, ѕидот делумно се распаднал, натписот избледнел, устецот потполно се уништил, посочува сестрата.

рајчица крст

Благодарение на грижата на нашиот Старец и сестринството, а се разбира со помош на благочестиви дарители, нагласува сестра Ефимија, чешмата повторно блесна во сета своја убавина, украсена со прекрасно извајан змејолик устец од месинг, подобно на бигорските чешми, дело на уметникот-вајар Миле Брцески и на мајсторите од леарницата „Панко“, како и со ново камено корито, за што се погрижи Елена Пандева, директор на компанија „Елена Лука Хоме“ од Скопје.

Инаку, во 2016 година, беше обновена и плочата со натписот во чест на првоборецот, Јован Симоновски, по потекло од ова село,од страна на семејство на Јаков Наумовски и нивната компанија „Не-Бра“ од Струга. Избледнетите, пак, букви од натписот на монахот Ноефит се само потенцирани со пигмент, бидејќи тие беа исклесани на самиот камен од овој вешт каменорезец на 19 век.

рајчица 2

- Славејќи Го семоќниот Бог за сите Негови чудесни дела ја изразуваме својата огромна благодарност и кон сите оние кои благочестиво придонесоа некогашното црковно училиште, што денес служи како стражарница и неговиот особен украс манастирската чешма, да го добијат својот денешен прекрасен изглед, рече сестра Ефимија.

Манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“, е женски манастир. Се претпоставува дека е основан во почетокот на 14 век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак, точната година на изградба на манастирскиот конак е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Даниил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче.

рајчица манастир

Од 2003 година Раичката обител се удостои да стане Кивот во кој се чуваат светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј. 

Вера Тодоровска/МИА