Македонија
6. December 2019 - 8:36

Завршен настан на проектот „Кон одржлива регионална соработка – Берлинскиот процес и понатаму“

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), координатор на Тинк нет Мрежата на Југоисточна Европа (SEE Think Net), ќе одржи завршен настан на Мрежата и проектот „Кон одржлива регионална соработка – Берлинскиот процес и понатаму“, поддржан од програмата за политики „Тинк и линк 2019“ на Европскиот фонд за Балканот.

Целта на настанот е да се осврне на полското претседателство со Берлинскиот процес во 2019 година, како и да поттикне дискусија за очекувањата од македонско-бугарското копретседателство во 2020 година.

На настанот, што ќе се одржи во МНР, според организаторите, ќе се обратат заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и Шимон Шинковски вел Шек, државен секретар за полската дијаспора, европска политика, јавна дипломатија и културни работи.

Учесниците ќе дискутираат за рамката на македонско-бугарското копретседателство со Берлинскиот процес во 2020 година, во која ќе учествуваат Едвард Митевски од Министерството за надворешни работи на РМ, координатор на Берлинскиот процес за РМ, и Марта Шпала, постара соработничка во Одделот за Централна Европа при Центарот за источни студии од Варшава.

На дискусијата за рамката на македонско-бугарското копретседателство ќе се надоврзе втора дискусија за очекувањата од политиките. На оваа панел-дискусија ќе учествуваат и ќе говорат  Јована Маровиќ, извршна директорка на мрежата Политикон од Подгорица Советодавната група за политики „Балканот во Европа“ (BiEPAG), Јелица Миниќ, потпретседателка на Европското движење во Србија, Мари Јеленка Кирхнер, надворешна соработничка на ИДСЦС, Доника Емини, извршна директорка на Платформата Цивикос од Косово и соработничка на BiEPAG и Немања Тодоровиќ-Штиплија, главен и одговорен уредник на веб-магазинот „Европски Западен Балкан“ (European Western Balkans – EWB).

Целта на Тинк нет Мрежата на Југоисточна Европа е да креира значајни предлози за политики на темите што произлегуваат од Берлинскиот процес и областите што тој ги опфаќа. Мрежата е воспоставена во март 2018 како прва регионална мрежа составена од граѓански организации што имаат за цел да ги анализираат темите поврзани со Берлинскиот процес.