Македонија
5. May 2019 - 19:10

Затворени гласачките места

Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните на Република Северна Македонија можеа да гласаат на вториот круг од шестите претседателски избори. По затворањето на избирачките места можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

На 3.480 избирачки места во Републикава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список. Гласачките места беа отворени во 7:00 часот.

-Излезноста на вториот круг од претседателските избори до 17:00 часот изнесува 38,23 проценти. Гласањето се одвива тековно и нема пријавено нерегуларности на гласачките места, информира на денешната прес-конференција директорот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски.

Потенцираше дека очигледно е дека ќе биде надмината потребниот цензус за успешност на вториот круг на претседателските избори, со оглед на тоа дека ова се податоци до 17 часот, јасно е дека се потребни уште неколку проценти за да се надмине цензусот.

Дерковски истакна дека изборниот ден поминал без посериозни нарушувања.

Вчера, ден пред изборите, гласаа иселениците, лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лица што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори ги доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.

Државната изборна комисија првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.