Бизнис
27. September 2024 - 16:33

Законот за нефер трговски практики почнува од утре, поевтинување се очекува за еден месец

Од утре стапува на сила Законот за нефер трговски практики. Министерот за економија очекува поевтинување од 10% на 2.500 производи. Меѓу нив има месо, млечни производи, овошје и зеленчук, леќа, грав, тестенини, слатки, шеќер, чај, сокови, води, различни видови вина и пива.

Сепак, поевтинувањето потрошувачите би можеле да го очекуваат кон крајот на следниот месец, односно откако есенската кошничка повеќе нема да важи.

Првите резултати ги очекуваме на крајот на месец октомври или првите денови на ноември, поради тоа што компаниите уште имаат залихи од претходните договори“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

Со законот, рабатот е ограничен на 10% и трговците нема да смеат да наплаќаат огромни суми за маркетинг или истакнување на производот на полица.

Одговорна за контрола е комисијата за заштита на конкуренцијата. За непочитување на законот се предвидени глоби до 20 илјади евра, но до нова година нема да се пишуваат казни.

Сега за сега комисијата за заштита на конкуренцијата е надлежна да прави контроли. Ние заедно со нив и со компаниите ќе соработуваме во наредните три месеци да не се пишуваат казни во рамки на законот. Ако има можност во рамки на законот да се пишуваат опомени и да се контролираат фирмите дали правилно се склучени договорите“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

Есенката кошничка, пак, содржи 73 производи чија бруто профитна маржа е ограничена до 10%. За непочитување на оваа мерка е надлежен пазарниот инспекторат и веќе се напишани првите казни.