Македонија
25. September 2022 - 12:36

Зајкова: Младите да се обединат, да покажат државност со нови и свежи идеи за подобро утре

Политичките подмладоци треба да бидат сервис на младите луѓе, а не на лидерите и раководството на политичките партии. Од вас како подмладоци се очекува да продуцирате идеи кои што ќе го подобрат животот и стандардот на младите во државава. Затоа, како политички подмладоци потребно е во своите партии да лобирате помеѓу вашите функционери, пратеници, вашите младински иницијативи и идеи да станат реалност, порача потпретседателката на ЛДП Моника Зајкова денеска од Охрид на конференцијата „Зајакнување на капацитетите на младинските крила на политичките партии“ организирана од Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) во соработка со RYCO и Фридрих Еберт Стифтунг.

– За жал, до сега само еднаш се обединиле сите политички подмладоци кога се креираше и носеше „Законот за младински политики и младинско учество“ и тоа беше успешно, но не само за ова, тука и за повеќе прашања потребно е обединување за да се покаже државност кај младите.  ЛИДЕМ како политички подмладок успеа да ги обедини политичките партии со иницирање на Законот за субвенциониран студентски оброк. Затоа апелирам секој кој има идеја како политички подмладок да ја претстави пред другите политички подмладоци и младинскиот сектор и така сплотени да ја достават до институциите и да инсистираат на нејзина имплементација, рече Зајкова.

Таа запраша зошто, на пример, за идејата за студентски град која потекнува од ЛИДЕМ како подмладок, сите подмладоци да не седнат на маса, да се договорат заедно и да излобираат таа да стане реалност од која бенефит ќе имаат сите студенти.

– Доста со негативни кампањи, за тоа што и кој направил или не направил, да не гледаме наназад, да гледаме нанапред, треба вистински свежи и нови младински иницијативи. Искрено, сите сме свесни дека на пример условите во студентските домови не се на потребното ниво и дека иако се направи одреден напредок, се уште треба да се подобруваат, па зошто сите подмладоци не се обединат и не направат план и барање до партиите вистински да се подобрат условите и можностите, место да се обвинуваат кој повеќе а кој помалку направил, рече Зајкова.

Таа потсети дека Клубот на млади во Парламентот е отворен за сите младински организации и индивидуи и дека во одредени дебати потребно е да се вклучат и политичките подмладоци за да се даде поголема важност на младите и младинската политика.

– Младите мора да ги притискаат политичарите со идеи и објективна критичка мисла. Ние сме генерациите кои треба да го менуваат нивото на политичка дебата и реторика, генерација која треба да обединува. Само со отвореност за соработка, аргументирана дебата, иницијативи и проекти ќе изградиме партнерски однос помеѓу политичарите, институциите и младите. Преку поинаков пристап да ги мотивираме младите да останат дома, но и да создадеме можности преку кои ќе привлечеме млади од други земји да живеат, студираат и работат во Македонија, рече таа.