Македонија
25. January 2023 - 12:26

Зајкова: Јас сум по потекло од Кукуш, говорам македонски јазик и секогаш ќе бидам горда Македонка

Никој од нас не сака да е понижен, секаде каде што одам се претставувам како горда Македонка, не може мене никој да ми ја наметне мојата историја или како јас ќе ја толкувам мојата историја, ниту пак некој може да ми наметне што ќе бидам, моите се по потекло од Кукуш, јас секогаш ќе бидам по потекло од Кукуш, не можам да бидам од друго место. Говорам македонски јазик, израсната сум со една историја, не може никој да ми го менува или да ја менува свеста на генерациите. Ние сме свесни дека уставните измени како обврска треба да значат отворање на поглавје во ЕУ, што може и нема така брзо да ги затвориме, рече претседателката на Либерално-Демократска партија Моника Зајкова во синоќешното гостување во „Клик плус”.

– Ние можеме хипотетички да кажеме дека можеме и без Европската унија и без НАТО и без политички партии, меѓутоа граѓаните се оние коишто ја сочинуваат државата и само без граѓани не може да постои една држава, но мора да сфатиме дека ЕУ значи подобро секојдневие на секоја индивидуа и затоа и толку се стремиме кон тој Европски пат, додаде таа.

Според Зајкова не треба реториката да се однесува на тоа дека уставните измени се за само за внесување на Бугарите во Уставот, но да ја гледаме поголемата цел, а тоа е конечно она што ни изгледаше апстрактно, а тоа е влезот во Европската Унија да стане реалност односно да започне втората фаза од преговорите, а тоа е отворање на поглавјата.

– За да си ја исполниме таа цел, нормално дека имаме и обврски, притоа како Либерално-демократска партија ќе бараме при отворањето на Уставот во Преамбулата да се внесе како дел од народ и еврејскиот народ, а тоа иако можеби е последната пречка, е онаа најнеболната што треба да ја отклониме за да почне веќе македонската евроинтеграција за која зборуваме 30 години. Затоа треба да покажеме сериозна зрелост политичка, но и да покажеме дека сме спремни за носење на државнички одлуки, затоа што ќе зборам конкретно еве за мојата генерација, мислам дека повеќе нема време за оној, бавен развој затоа што со тој бавен развој видовме дека го губиме она што значи супстракт на државата, а тоа се младите луѓе, додава Зајкова.

Таа додава дека нејзината генерација пораснала со визијата за Европа и веќе се преполови заминувајќи во перспективни европски земји.

Се согласи  дека се потребни реформи и во правосудството и образованието и во други области меѓутоа никој не покажал поширока политичка волја за одредени реформи да се спроведат. Нови избори не би го решиле овој проблем, бидејќи секогаш со нови избори не се направиле никакви промени. Проблемите ставени во фиока до избори, никој нема да ги реши со магично стапче ни по изборите.

– Треба да научиме да покажуваме државничка свест, едно е да се разликуваме во идеолошките политики, друго е да го трасираме заедно патот на државата и треба да седнеме да го загрееме столчето и да наоѓаме решенија и да ја движиме напред државата, а не да трошиме постојано ресурси и време на предвремени избори, истакна претседателката Зајкова.

Таа потсети дека Собранието донесе заклучоци кои што се еден вид декларацијата за црвените линии и никој не спори дека не сме за македонскиот јазик да се преговара.

– И гледавме и со потпишувањето на договорот од Фронтекс дека во формулацијата македонскиот јазик е чист, а гаранции дека некој ќе ни обезбеди е небулозни барање и видовме со последните случувања и во Европа, односно ветото кое што Австрија го стави на Бугарија и Романија за влез во шенген, дека такви гаранции не постојат. И сега не може ние да чекаме и да бараме гаранции дека ќе ни биде патот поплочен со мермер меѓутоа, треба да ги отклонуваме пречките и посериозно да работиме на тој пат и реформирање на државата, додава Зајкова.

Според  неа ние не треба да преговараме воопшто со Бугарија за реципроцитет, туку со ЕУ.

– Да бидеме реципрочни во финансиите, во реформите, во образованието, кадровата политика, а нормално дека еден ден со самиот чин што го покажуваме на демократичност и отворање кон малцинствата може да се случи да бараме и во Бугарија, веќе како членки во унијата, реципрочно да ни се признаат и на нас одредени права. Затоа што, во спортот секогаш тимот што победува не значи дека на крајот победува. Исто и во политиката. Затоа треба да се покаже истрајност и упорност за да се направат крупни и развојни чекори, бели Зајкова.

Според неа ако само гледаме дали ќе добиеме одредени политички поени на одредени прашања, немаше да го имаме ни Рамковниот договор, кој што резултираше со развој на мултиетничкото општество, немаше да го имаме ни Преспа кој резултираше со влез на државата во НАТО, кој што сега гледаме дека стратешки бил многу важно, со оглед на тоа што се случува на глобално ниво.

 

Моника Зајкова претседателката на ЛДП