Македонија
12. December 2020 - 16:38

Захариева: Не сме ставиле вето, само кажавме не за рамката

Бугарската шефица на дипломатијата и натаму тврди дека Бугарија не стави вето, туку едноставно кажа „не“ за преговарачката рамка за Македонија.

Захариева потврдува дека земјите членки на Унијата биле против во преговарачката рамка да влезат билатерални прашања, бидејќи за поголемиот број европски земји позицијата на Бугарија е несфатлива, но Захариева потсетува дека во иста позиција пред 2 години била и Грција. 

„Тоа не е вето како што се обидуваат да го прикажат. Тоа е „не“ на Бугарија за преговарачката рамка. Скопје се надеваше дека ќе ни биде направен притисок – дека од Вашингтон, од Берлин, ќе ја искараат Бугарија и таа ќе заборави на својот национален интерес и ќе каже „да“ без тие да направат ништо, вели Захариева. 

Захариева вели дека кампањата на македонските политичари за дискредитирање на Бугарија стартувала ведаш по членството во НАТО минатата година. 

Македонија еднострано ја прекинала работата на историската комисија и спроведувањето на договорот за добрососедство, а говорот на омраза ескалирал.

„Јас нема да напаѓам соседна држава со лажна кампања. Се обидуваат да побегнат од формулацијата „заедничка историја“ која е многу јасно напишана во Договорот. Тие тврдат дека ние се обидуваме да им го одземеме правото на самоопределување, но тие го потпишаа тој документ. За жал, лажните вести се лансираат полесно од вистинските“, вели Захариева.

Ве меѓувреме не запираат ниту провокациите од бугарските пратеници дека Македонија и Бугарија се две држави, еден народ. 

Ова тврдење доаѓа од сопартијката на Каракачанов, Марија Цветкова, само три дена откако 24 мај, денот на светите браќа Кирил и Методиј, во Бугарија беше прогласен за ден на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската книжевност.

„Ние подаваме рака на Македонија, на нашите собраќа, зошто имаме заедничка историја. Две држави – еден народ. Властите на РС Македонија очигледно не сакаат таа да влезе во ЕУ. Не може да ги почнат преговорите за во ЕУ ако тоа е во спротивност со бугарскиот национален интерес. Ние ќе продолжиме да им помагаме, да подаваме рака на Македонија, но тоа нема да го правиме за сметка на кражбата на историјата или говорот на омраза“ вели Цветкова.

И додека бугарските власти во континуитет тврдат дека во Македонија се шири говор на омраза и антибугарска кампања, нема ниту збор за големиот број бугарски групи на социјалните мрежи кои шират омраза кон Македонија. „Македонците се Бугари“, „македонската историја е фалсификат“ се само дел од интернет страниците на фб на кои се споделуваат и карти на „Голема Бугарија“.