Македонија
17. December 2025 - 16:41

ДСЗИ побара стручна комисија да испита дали починатото новороденче на ГАК било соодветно лекувано

Стручна комисија ќе проверува дали починатото новороденче на ГАК било соодветно лекувано.

Ова го иницираше ДСЗИ откако вчера направиле вонреден инспекциски надзор на Клиниката. Од инспекторатот информираа дека причини за смртта на бебето се отежнато дишење и компликации на белите дробови и други витални органи. Од здравство велат дека министерот во текот на денот ќе ја состави комисијата која треба да утврди дали има лекарски пропусти во третманот на новороденчето од Арачиново кое починало на 1 октомври, само 3 дена по раѓањето. Претходно на 29 септември истото два пати било реинтубирано.

- На 1 октомври се влошила состојбата на детето, па повикан е детски кардиолог и детски хирург кој поставил дрен поради наод на масивен пнеумоторакс десно; а од страна на дежурниот педијатар на ОИНТ м-р.субспецијалист по невропедијатрија извршен и ултразвучен преглед на мозок со наод на оедeта cerebri. Поради тешката состојба, пристапено кон кардио-пулмонална реанимација, даван е адреналин во три наврати, но без успех и настанат е exitus letalis во 19 часот на 1 октомври. Креирано е барање за обдукција до Институт за патологија при Медицинскиот факултет - Скопје, но до денот на инспекцискиот надзор не е изготвен извештај.

Причина за смрт масивен пнеумоторакс десно, emphysema pulmonum, oedema cerebri et hypertrophia plexus cerebri, insuff. Cardiorespiratoria, изјави Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.

Но, во извештајот од интерната комисија за квалитет на Клиниката стои дека бебето критичниот ден на 1 октомври од страна на дежурниот педијатар попладнето била донесена одлука да го реинтубира новороденчето, а постапката била неуспешна, траела дури 20 минути и притоа е оштетено грлото на новороденчето. Ова го посочила и началничката на одделот за Интензивна нега кај директорката на ГАК каде писмено пријавила дека нејзина колешка несоодветно го лекувала бебето.

Затоа постапувала и Комисијата која се состанала во два наврати.

- Во однос на работата на Клиниката не се најдени недостатоци, рече директорот на ДСЗИ Кирил Лазов.

Случајот го испитува и скопското обвинителство кое отворило предмет, а семејството најави и приватна тужба за Клиниката.

Одговори на многу прашања треба да дадат резултатите од обдукцијата која се уште е во тек.