Македонија
13. May 2021 - 8:39

Заев по повод Рамазан Бајрам: Светиот празник Рамазан Бајрам носи надеж за нов почеток

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, по повод празникот Рамазан Бајрам упати телеграма со честитки до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед.

Во продолжение Ви ја пренесуваме честитката во целост:

„Ви го честитам големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам на Вас, на членовите на Исламската верска заедница и на сите граѓани кои го чествуваат празникот, во име на Владата на Република Македонија и во мое лично име.

Во период кога целиот свет се соочува со тешки искушенија, и годинава Светиот месец Рамазан, најблагородниот и најсреќниот месец за вас граѓаните од исламската вероисповед, го славиме во поинакви услови со ограничувањата кои ги донесе пандемијата на коронавирусот КОВИД-19.

Во овие тешки мигови за човештвото, светите празници како што е Рамазан Бајрам, носат надеж за нов почеток и ја поттикнуваат вербата на луѓето во доброто, вистината и правдата.

Крајот на постот и благодетите стекнати за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, нека ве украсат со дух на трпение, несебичноста и дарежливоста.

Да се соочиме со предизвиците, кои ги носи оваа глобална здравствено-економска криза, водени од желба за меѓусебна почит, разбирање и солидарност, а даровите на празникот споделете ги со вашите семејства, роднини, пријатели и соседи.

Почитувани,

Овие светли денови во духот на празникот Рамазан Бајрам како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата да ги почитуваме здравствените препораки и врз начелата на почитување и солидарност да продолжиме по европскиот пат што го избравме, здружено и единствени.

Во периодот што следи да се вакцинираме како најефикасно средство во борбата против оваа пандемија и знам дека така заедно ќе успееме најбрзо и најбезболно да ги пребродиме нејзините последици.

Дозволете ми да ви посакам празничните денови ги поминете во слога и спокојството на домот, во добро здравје и духовна сила!

Бајрам Шериф Мубарек Олсун, односно: Нека биде благословен и честит празникот!“