Македонија
6. јуни 2016 - 18:31

Заев останува единствен кој е помилуван за криминал тежок 8 милиони евра

Опозицискиот лидер Зоран Заев останува единствен аболициран политичар и ќе одговара за случаите „Пуч“ и „Поткуп“.
 
Претседателот на државата Ѓорге Иванов покрај повлекувањето на аболициите за сите 22 политички експонирани лица што ги помилува на 12 април, денес преку писмена изјава информира дека донесол одлука да ги поништи и преостанатите одлуки за помилување донесени исто така на дванаесетти април
 
Со ваквата одлука на Иванов, опозицискиот лидер Зоран Заев ќе одговара за предметите „Пуч“ и „Поткуп“, и воедно останува единствен аболициран политичар во земјава, поради помилувањето од Бранко Црвенковски за случајот „Глобал“ во 2008 година, која не е повлечена.
 
Со ова, Заев останува единствен кој е помилуван за криминал тежок 8 милиони евра. Иако најави дека ќе бара повлекување на аболицијата за „Глобал“, случајот во кој во 2008 година беше обвинет за злоупотреба на службеното овластување како струмички градоначалник, досега тоа не го сторил  .
 
Од тоа што може да се најде како архива за „Глобал“, Заев заедно со уште петмина заврши во притвор во средината на јули 2008 година. Неколку месеци претходно, за нив МВР поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување. Нема податоци со каква квалификација е делото, но имајќи предвид дека во кривичната пријава, а подоцна и во обвинителството тврдеа дека противправно е стекната имотна корист од над 8 милиони евра веројатно се работи за потешка квалификација за која Kривичниот законик предвидува казна од минимум три, односно пет години затвор.
 
„Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување … ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години“, пишува во ставот три од членот 353 од KЗ.
 
Уште повеќе во последниот став на овој член се вели дека ако злоупотребата на службената положба и овластување е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, „сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
 
Застарувањето на кривичното гонење почнува од денот кога е сторено кривичното дело. Трговскиот центар „Глобал“ почна да се гради во 2006 година, а кривичната пријава е од 2008 година. Во членот 107 од KЗ се вели дека не може да се преземе кривично гонење кога ќе поминат 10 години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затвор над пет години, односно 5 години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затвор над три години.
 
Во ставот два од овој член се вели: „Ако за кривичното дело се пропишани повеќе казни, рокот на застареноста се определува според најтешката пропишана казна“.
 
Во случајот со Заев и „Глобал“, најтешката казна што ја пропишува KЗ за злоупотреба на службеното овластување е минимум пет години односно ќе бидат потребни 10 години или ако се смета од почетокот на градбата тоа би требало да биде некаде летово.
 
Но, треба да се има предвид и членот 108 од KЗ, во кој се вели „застарувањето не тече за времето за кое според законот гонењето не може да започне или да продолжи“.
 
Аболицијата на Заев со која практично прекина гонењето беше потпишана од Бранко Црвенковски на 3 август 2008 година и трае до денес, така што според толкувањето за „Дневник“ од обвинители што ги консултиравме, рокот за застареност за овој случај во тој период не течел.
 
Гонењето на осомничените во „Глобал“ уште долго време нема да биде загрозено ни од апсолутна застареност. Имено, според членот 108 од KЗ „застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење. Ова значи дека треба да поминат 20 години од моментот на изградбата на трговскиот центар, односно отсега треба да помине уште најмалку една деценија пред државата да не може кривично да гони за случајот „Глобал“.
 
Историјата на „Глобал“
 
– На 1 февруари 2006 година Општина Струмица носи одлука за реконструкција и надградба на Градското пазариште за што до Бирото за јавни набавки поднел известување дека ќе спроведе тендер за изградба на трговски центар на ова место.
 
– Со јавно-приватно партнерство на две фирми им било дадено земјиштето на кое се наоѓал стариот пазар. За изградбата, Општината експресно издава дозвола за градба, а фирмите што го добиле тендерот веднаш почнале да градат.
 
– Во текот на изградбата на трговскиот центар во 2006 и 2007 година во неколку наврати државниот управен инспекторат увидел дека дозволата за градба не е законска и ја поништува (за земјиштето, кое инаку е во државна сопственост, биле иницирани постапки за денационализација).
 
– Државниот управен инспекторат во март 2007 година носи решение со кое им наредува на Општината и на инвеститорите да ја прекинат градбата, но Заев ги игнорира ваквите налози.
 
– Објектот со огномет на 1 јули 2008 година како капитална инвестиција на градот го отвори тогашниот претседател на државата и доскорешен сопартиец на Заев, Бранко Црвенковски. По две недели, Заев со своите општински соработници, како и газдите на фирмите што го градеа „Глобал“, завршија во притвор
 
– На 3 август 2008 година Црвенковски го искористи своето дискреционо право да ги помилува сопартиецот Заев и неговите соработници и да го прекине кривичното гонење против нив.