Македонија
14. December 2020 - 15:16

Заев најавува лидерска, Мицкоски одбива учество ако ја организира Пендаровски

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев денеска најави одржување лидерска средба до крајот на годинава. Рече дека очекува да ја свика шефот на државата, Стево Пендаровски, но ако тоа не се случи, тогаш иницијативата ќе ја „потегне“ тој. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, најави дека неговата партија нема да учествува ако лидерската ја организира Пендаровски.

И Заев и Мицкоски се согласни дека на средбата треба да стане збор за корона кризата, евроинтеграциите и другите прашања кои се од интерес на граѓаните.

-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика претседателот на државата да свика лидерска средба, но, не сум во тек што се случува. Доколку не се свика таква лидерска средба, јас би го  контактирал денеска-утре претседателот на државата за една таква намера, доколку не, веројатно јас до крајот на годината ќе свикам лидерска средба и заради евроинтеграциите, но и заради справување со ковид-кризата и за сите груги сфери на интерс за граѓаните за кои би можеле да дискутираме на средбата, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по отчетот за сработеното во првите 100 дена.

Мицкоски на прес-конференција ја реактуелизира потребата од итно одржување лидерска, но не прецизира со какви барања ќе настапи ВМРО-ДПМНЕ, ниту која ќе биде нејзината позиција ако евентуално се седне на иста маса со претставниците на владејачките партии.

– Не ја гледам улогата на Стево Пендаровски во оваа лидерска средба. Стево Пендаровски не е лидер на политичка партија. Ако е потребна поддршката на политичкиите партии, ние политичките партии да разаговараме за нешто, тогаш се знае треба да седнат политичките партии и да разговараат. Се знае кој е тој кој треба да ја свика таа лидерска средба. Ние неколку пати досега ја побаравме таа лидерска средба. Ако цени дека треба да седнат политичарите да разговаат на таа лидерска средба, стојам на располгагање. Но, на еден формат кој би бил организиран од Стево Пенадровски, нема да учествувам на ткава средба зашто не ја гледам улогата Стево Пенадровски на една таква лидерска средба, изјави Мицкоски, додавајќи дека ќе учествува на лидерска ако иницијативата доаѓа од Владата.

Прашан со какви барања ВМРО-ДПМНЕ би настапила на лидерската средба, Мицкоски одговори дека прво треба да се случи лидерската средба, да се види кој ќе биде дневниот ред и врз основа на тоа да излезат со своја позиција.

-Да го дополниме тој дневен ред, ако видиме дека тоа што е опфатено за таа лидерска средба ги содржи барањата или не. Доколку не ги содржи, ќе предложиме дополнување на тој дневен ред. Доколку и тоа дополнување се игнорира, нема да бидеме дел од лидерската. Не планимарме да бидеме кловнови и да изигрувамре циркуска атракција таму. Или ќе зборуваме за суштина или театри не ни требаат, доста е, народот е уморен, изјави Мицкоски.

Од Кабинетот на Пендаровски засега нема информација дали тој има намера да свика лидерска средба.