Македонија
23. July 2019 - 9:15

Заев: Добрососедството продолжува, нема враќање назад

Договорот за пријателство и добрососедство донесе многу позитивни придобивки за Северна Макеоднија и за Бугарија и стави крај на еден систем кој ги труеше односите меѓу двете земји. Историските факти во врска нашата заедничка историја се јасни и од тоа нема бегање. Комисијата треба да си ја заврши работата за што има поддршка од мене и од Бојко Борисов, вели премиерот Зоран Заев во интервју за БГНЕС.

Тој во интервјуто, меѓу другото, истакнува и дека коридорот 8 конечно треба да се реализира, а пред се пругата што ќе ги поврзува Скопје и Софија. Заев се осврнува и на улогата на Бугарската православна црква во решавањето на проблемот со статусот на Македонската православна црква.

Договорот за пријателство после две години

Премиерот Заев истакнува дека многу работи се променија во позитивна насока во изминатите две години од потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и очекува тоа да продолжи.

– Бугарија може многу да ни помогне во процесот на европска интеграција и веќе многу ни помога. Таа беше прва што се бореше со Европската комисија за да добиеме датум за почеток на преговорите. Бугарија го сподели целото свое искуство од процесот на пристапни преговори. Таа беше една од првите земји што го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО. Бугарија го покажа своето пријателство. Верувам дека и ние го покажуваме истото, наведува Заев.

Договорот, според него, стави крај на системот, кој беше воспоставен по 1945 година, и со децении ги труеше билатералните односи.

– Во двете земји постојат структури кои не се радуваат на она што се случува, тие се дел од минатото, а постојат и структури кои повеќе се ориентирани кон исток, вели премиерот Заев.

Посочува дека во последните две години е постигнат голем напредок во трговијата и соработкта во културата. Само во првите десет месеци од 2018 година билатералната трговија е зголемена за 16,95 отсто во споредба со 2017 година.

– Ова е голем процент и говори за можностите кои ги создадовме за економска соработка, вели Заев.

Се интензивира и културната соработка – бугарски театарски продукции беа поставени во Македонија, и обратно – македонски во Бугарија, а има и други настани кои придонесуваат за зближување на двата народа.

Коридорот 8 е неповратен процес

За инфраструктурното поврзување и Коридорот 8, Заев вели дека е неповратен процес и оти македонската страна работи многу активно на тоа. Пред се на изградбата на железничка пруга од Куманово до бугарската граница, која треба да биде пуштена во употреба најдоцна до 2025 година.

– Македонија обезбеди 580 милиони евра за изградба на железничката пруга од Куманово до бугарската граница. Со тоа ќе имаме завршена железничка линија од Скопје до Софија. Крајниот рок за пуштање во употреба е најдоцна до 2025. Првата фаза веќе интензивно се гради. Во моментов, пристапуваме кон втората фаза, за што добивме грант од 68,7 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан… Третата фаза е најголема и чини 405 милиони евра. За неа имаме грант од 60 милиони евра од ИПА и кредит од 345 милиони евра. Направивме договори со Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Тоа се огромни пари за Македонија, рече Заев.

Тој додаде дека паралелно се гради и брз пат од Куманово до бугарската граница. – Патот ќе биде завршен за две години и веќе нема да мораме да патуваме по патишта со дупки кога сакаме да одиме во  Софија или Скопје, вели Заев.

За заедничка историја

Во врска со настаните од историјата и нивното заедничко одбележување, Заев очекува мешовитата експертска комисија да ја продолжи работата и наскоро да има резултати за спорните прашање.

– Комитетот за историски прашања е формиран за да се изгради пријателство меѓу двете нации. Јас, заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов, ги охрабруваме историчарите да ја завршат работата. Веќе е постигната согласност за некои значајни историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум, св. Климент, цар Самуил. Ние го потпишавме Договорот, градиме пријателство, соработка и добрососедство. Во еден таков контекст, комисиите треба само да го надградат тоа, рече премиерот Заев, додавајќи оти е убеден дека комисијата во септември ќе постигне резултати за отворените прашања.

БПЦ со непроценлив придонес

Во интервјуто се осврнува и на улогата на Бугарската православна црква во решавањето на проблемот со статусот на Македонската православна црква.

– Бугарската православна црква презеде смели чекори во однос на нашата Македонска православна Црква – Охридска архиепископија. Бугарските епископи ги посетуваат македонските цркви, а македонските епископи – бугарските. Нашите граѓани кои се верници, гледајќи дека добро соработуваат, го поддржуваат ова пријателство, истакнува Заев.

Нагласува дека Северна Македонија како суверена држава има право на посебна и независна црква.

Иднината на Преспанскиот договор

Во однос на Договорот од Преспа и очекувањата од новата Влада во Грција, Заев ги оценува како позитивните првите сигнали што доаѓаат од новоизбраниот грчки премиер Киријакос Мицотакис.

– Кога договорот беше ратификуван, тој рече дека е против него, но ако грчкиот Парламент го ратификува, а тоа е меѓународна ратификација, треба да гледаме напред. Верувам дека со текот на времето, договорот ќе даде позитивни придобивки и за Северна Македонија и за Грција, вели македонскиот премиер.

Балканот не е буре барут, туку европски регион

Премиер потсетува дека дека минатото на Балканот покажа што значи промена на границите – смрт, уништување и бегалци. Според него, регионот е променет и веќе не е буре барут.

– Балканот стана европски. Секој мора да најде позитивно решение за проблемите. Ние дадовме пример за тоа со договорите со Бугарија и Грција. Верувам дека и другите земји треба да се движат во таа насока, вели Заев.

Северна Македонија поддржува решенија кои ќе градат пријателство и траен мир, со што ќе се обезбеди поголема регионална соработка и интеграција на целиот регион во ЕУ. “Ова е решение кое ќе обезбеди сигурност за Албанците и Србите, како и за сите други народи што живеат на Балканот”, рече Заев.

Случајот „Рекет“

Прашан за сучајот „Рекет“ и објавените инфрмации во медиумите дека Софија наводно бара да биде заштитен бизнисменот Орце Камчев кој е под истрага, Заев тврди дека такво нешто нема.

– Бојко Борисов во никој случај не ме повика за македонскиот бизнисмен Орце Камчев, кој е под истрага. Тој не би дозволил такво нешто, бидејќи тој е европски премиер и го почитува владеењето на правото. Ние сме европска земја и сакаме да зборуваме за иднината и да направиме модерна политика. Ова е политика што ја прават Макрон и Меркел, политика ориентирана кон иднината, која им дава перспективи на младите, заклучува премиерот Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС.