Македонија
6. July 2024 - 16:30

Задругите се иднината на Македонското земјоделие, но се уште се на незавидно ниво

За да имаат повеќе можности и да остварат поголем профит, земјоделците треба да се здружуваат во задруги. Задружниот модел е вистинското решение за решавање на проблемите на здемјоделците.

- Заканите од глобална природа, заканите од интерна природа, спецификите од неразвиеноста на земјоделието, од грешките кои се правени во изминатиот период, единствено можат да се решат со здружување, изјави Ѓорѓи Арнаудов, претседател на Мрежа на земјоделски задруги

Арнаудов на меѓународниот ден на задругарите, што годинава се одбележа во Свети Николе, констатира дека кај нас многу споро се одвиваат работите во задругарството, пред се поради недостатокот од институционалната поддршка.

- Финансиската поддршка, која министерството законски ја имаше  пропишано  со претходниот Закон за земјоделски задруги, т.н.  популарна мерка наречена 131, за поддршка на задругите, во изминатите години беше нередовна и не само што беше нередовна опфаќаше многу мал број на задруги.. Значи мора да бидеме многу покреативни, по одговорни, да ги ставиме на преден план интересите на земјоделците. Да изградиме заедничка платформа, стратегија за развој, од која подоцна ќе произлезат и акциони планови, додаде Арнаудов

Земјоделието решава проблеми од егзистенцијална природа, а македонските  земјоделците  не можат да ги покријат елеметарните трошоци и да направат проста репродукција.

- Да се подобри политиката кон земјоделецот, да му се олесни, да се намалат трошоците за да можеме да имаме подобар приход и да бидеме добар пример за младите, да останат тука и да се занимаваат со оваа гранка, изјави Рахела Транталовска, задругар

На национално ниво регистрирани се само 50 земјоделски задруги со минимален број вработени, што е 0,3 % од вкупно 175 000 земјоделски стопанства.