УЈП го имала казнето сопственикот на Пулс, тој ја платил глобата, а му било запечатено другото кафуле во Кочани
Сопственикот на дискотеката „Пулс“, веќе бил казнет од Управата за јавни приходи поради неправилности со готовинските плаќања. Казната ја платил веднаш, па по закон не дошло до блокирање на неговата жиро-сметка, ниту до затворање на дискотеката. Наместо тоа, УЈП го запечатила неговиот друг локал, кафе барот „Класик“ во центарот на Кочани, со забрана за работа од 30 дена. Директорката на УЈП, вели дека законски при прва контрола следува само парична казна, а доколку не се плати привремено се затвора објектот на 30 дена.
Родителите на загинатите бараат одговорност и од Управата за јавни приходи. Велат, институцијата знаела дека сметката на сопственикот на „Пулс“ е блокирана уште во август 2024 година, но сепак дозволила дискотеката да продолжи со работа.
Ако надлежните постапеле навреме, „Пулс“ требало да биде затворен најдоцна до крајот на септември. Наместо тоа, локалот работел и во него животот го загубија 62 лица. Родителите се децидни-ова не е последица на една грешка, туку на ланец од институционални пропусти, во кој секоја карика треба да сноси одговорност.
Во обвинителниот акт се опфатени 34 лица и 3 фирми, меѓу кои и сопственикот, градоначалници на Кочани, двајца поранешни министри за економија, четворица директори на ДЗС, обезбедување...
Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција истрагата се уште трае за 27 полициски службеници за кои Обвинителството се сомнева дека се вмешани во трагедијата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар