Македонија
9. July 2024 - 17:04

За репарирање на неотпакуваниот акцелератор во штипската болница ќе бидат потребни пари колку да се купи нов

Запустено и обраснато со трева – Повеќе личи на змијарник отколку на место за инсталирање на софистициран апарат за зрачна терапија. Вака изгледа дупката за бункер во штипската болница која не е доградена а акцелераторот 10 години стои спакуван во магацин. Засега над 2 милиони  евра пропаднаа а за овој апарат да биде репариран, според извори на Сител ќе бидат потребни исто толку финансии колку што бил купен. Деновиве Министерството за здравство најавува испраќање на екипа која треба да направи увид во состојбата по што ќе се знае судбината на скапо платената опрема.

И додека во Штип прво треба комунално расчистување на теренот, во ГОБ 8-ми септември апаратот е инсталиран во бункер, но досега воопшто не бил во функција на пациентите.

-Физичар од Онкологија и физичар од ГОБ 8ми септември, наредната недела ќе прават повторна проверка за безбедноста и функционалноста на акцелераторот. Купен пред 9 години за милионска сума, но досега не проработел. По анализата на физичарите ќе се знае дали ќе има потреба од купување на дополнителни делови.

На еден акцелератор годишно на зрачна терапија можат да одат најмногу 400 пациенти. Колку ќе прифати ГОБ 8-ми септември ќе зависи од тоа  каков вид на зрачење ќе има. Од болницата досега не барале дополнителни финасии за апаратот од Фондот за здравствено осигурување, но имале побарувања за онколошката амбуланта на која чекаат малигно болните.

Барањето е за износ од 10.736.134 денари за потребни лекови за работа и 3.558.400 денари за потребна опрема. По ова барање не е постапено затоа што беа распишани избори и не можеше да се даваат средства, ни одговорија од Фондот.

Имајќи во предвид дека за набавка на акцелераторите во Штип, Битола и ГОБ 8ми септември биле потрошени над 8 милиони евра а воопшто не биле ставени во функција  повеќе од една деценија,министерот за здравство најави дека ќе бара помош и од Обвинителството.