Македонија
23. January 2024 - 16:33

За 5 години има двојно повеќе магнетни резонанци, а ист број на снимања

Државата набавува магнетни резонанци, но пациентите не добиваат навремена дијагностика. Извештајот на Државниот завод за ревизија покажува дека за 5 години бројот на вакви апарати во јавното здравство е дуплиран, од 7 на 14, но бројот на услуги останува ист просечно по 2800 снимања на еден магнет годишно. Ова е речиси 2 до 3 пати помалку од европскиот просек. 

Ревизорите констатирале дека според податоците од Мој термин од 2017 до 2022 година имало 110 466 слободни термини, 83 отсто од нив биле закажани, а речиси половина не биле искористени.

Во извештајот е посочено и дека на магнетна резонанца се снимале и незакажани пациенти, Фондот на болниците им исплатил повеќе пари зошто прикажале над 25.000 вакви услуги отколку што имало во евиденцијата од Мој термин. Осугурениците за снимање на магнет плаќаат партиципација 700 денари. Приватно услугата болници ја наплаќале 16.000 денари од кои 100 евра од пациентот, остатокот од ФЗО што е за 47 отсто повеќе од цената за странци која изнесува 10.900 денари, посочуваат ревизорите.

Дополнителен проблем е и долгото чекање за снимање на магнет. Ова ги приморува пациентите оваа здравствена услуга да ја бараат во приватните болници, а ги чини околу 200 евра.

Во анализата е посочено и дека често пати имало неосновано упатување за МР од страна на специјалисти, а на 12 отсто од пациентите воопшто не им бил даден извештај.

Граѓаните чекале најмалку 10 дена, а некои и со месеци радиолог да им го исчита резултатот. Причината е зошто има недостиг од вакви специјалисти и недоволно едуциран кадар.

Ревизорите забелешките ги доставиле до министерството, Фондот и ДСЗИ и побарале поголема контрола и порационално користење на овие апарати кои се клучни за прецизна дијагностика на повеќе болести.

Минатата недела министерот и директорката на радиологија јавно посочија дека снимањето на магнет било злоупотребувано и од страна на специјалисти, но и од пациенти, а здравствените власти најавија контроли и построги критериуми.