Македонија
5. јуни 2026 - 16:33

Договорци од Детската клиника си ги бараат застанатите плати зошто 5 месеци не добиле ниту денар

50-тина лица ангажирани со договор за дело на Детската клиника си ги бараат заотанатите плати зошто од Нова година не добиле ниту денар. Медицински и административно технички персонал на мирен протест пред министертсвото за финансии покрај пари за 5 месеци побараа и решавање на нивниот работен статус. Годинава немале потпишано никаков договор, а иако цело време оделе на работа, дури во април стигнало негативно мислење за нивниот ангажман на Детска. Од финансии им рекле дека ќе проверат каде е проблемот.

- Ни кажаа дека ќе видат каде е проблемот во процесот од почеток, што се случило, зошто е вратено негативно. Зошто толку време е одолговлечена оваа работа, изјави Седат Буши, работно ангажиран на Клиниката за детски болести

- Некои викаат не е листата поднесена добро, не знаеме што е проблемот. Немаме никаков одговор конкретно, изјави Фљора Гаши, работно ангажирана на Клиниката за детски болести.

Од министерството за финансии одговорија дека ги сослушале нивните барања и укажуваат дека постапуваат согласно важечките законски прописи. 

- Во рамки на своите надлежности, Министерството по секое доставено барање од буџетски корисник кое се однесува на нови вработувањe, ангажирање или трансформација на работен однос постапува и доставува известување во законски утврдениот рок, согласно Законот за буџети, велат од финансии.

Меѓу договорците кои си ги бараат заостанатите плати и решенија за работа има и лица кои и по 8 години се ангажирани на Детската клиника.

- Која е логиката, работиме во здравство, а немаме здравство. Идеме на работа за да добиеме решение. Има колешки што со договор работат 8 години, рече Седат Буши.

Од Клиниката за детски болести пак изјавија дека навреме ги поднеле сите барања за ангажманот на договорците и имаат потреба од нив, зошто ако си заминат ќе биде нарушено нормалното функционирање на установата.