Македонија
6. May 2018 - 16:27

Вулканските карпи во Прилеп меѓу најомилените во светот кај љубителите на болдеринг

Прилеп полека но сигурно станува една од топ 10-те дестинации за болдеринг во светот. Уникатните карпите од вулканско потекло во околината на градот ги привлекуваат качувачите на карпи буквално од целиот свет. Викендов на локалитетот „Скаменета Баба“ по 8-ми пат се одржа Крали Марко болдер фестивалот на кој учество зедоа качувачи од околните балкански држави и Германија.

„Прилеп веќе си го најде местото на болдер мапата на Европа. Може да се забележат луѓе од цела Европа па и подалеку како доаѓаат тука да се искачуваат по карпите околу Прилеп, особено на локалитетот „Скаменета Баба“, па се до Марковите кулии и Трескавец“, рече Ристо Белокапоски, организатор на настанот.

Годишно Прилеп го посетуваат стотици љубители на овој спорт од странство. Тие се се восхитени од природата и можностите за развој на овој адреналински спорт.

„Тука сум веќе по 6-ти пат. Болдерингот во Прилеп е закон, супер е, има многу карпи за качување, ми се допаѓаат и луѓето, храната и целиот овој амбиент кој го има тука, затоа се враќам постојано тука“, вели Бојан Хриберник, учесник од Словенија.

„Дојдовме од Словенија за првомајските празници, тука сме една недела и сега останавме уште некој ден за да учествуваме на овој фестивал. Пола од нашата екипа се за прв пат тука, а половина често доаѓаме. Местото е одлично“, кажа Наташа Ржак, учесник од Словенија.

Покрај болдерингот Прилеп се најде на многу рекламни видеа за овој спорт ширум светот и во многу специјализирани списанија. Инаку болдерингот е качување на мали карпи без никаква опрема. Качувачите ја употребуваат само својата физичка сила и психичката подготвеност.

„Го одбрав болдерингот затоа што ми дава некој мир, ме исполнува. Особено после работа е совршена релаксација“, вели Тошко Митрески, учесник од Македонија.

Освен болдерингот Прилеп негува уште една адреналинска дисциплина а тоа е одењето по трака на голема височина.