Балкан
20. February 2018 - 13:26

Вучиќ: Најдоцна до почетокот на април предлог за „Решавањето на Косово“

Кон крајот на март, најдоцна до почетокот на април ќе излезам со предлог за „Решавање на Косово“-изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ во емисијата „Кирилица“ на телевизија „Хепи“.

- Ќе излезам со предлог, бидејќи не сум кукавица, имам храброст да кажам што е предлогот, но тој нема да биде - Драги Албанци ќе ви дадеме се, туку тоа ќе биде компромисно решение. Доколку не сакаат да разговараат за тоа, ќе имаме замрзнат конфликт, изјави Вучиќ, додавајќи дека „Албанците го отфрлаат секое компромисно решение и ја сакаат Голема Албанија“.

Тој додаде дека Србија не сака да биде„ Голема Србија“, туку сака да го сочува својот идентитет. Вучиќ изрази надеж дека „светот ќе разбере дека Србите неможат се да загубат, а Албанците се да добијат“.

Тој најави дека народот за се ќе се изјасни, доколку се дојде до таа фаза.

Коментирајќи ја изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека „Албанија и Косово треба да имаат еден претседател и заедничка надворешна политика“, српскиот претседател изјави дека доколку тој тоа би кажал за Србите, веднаш би започнала кампања против Србија во сите светски медиуми.

- Ние Србите треба да разбереме дека тука нема љубов и принципи, посочи Вучиќ, констатирајќи дека „тие имаат свои интереси, а ние имаме наши интереси.“