Балкан
30. July 2021 - 15:43

Вучиќ: Имаше позитивни и негативни реакции, но иницијативата „Отворен Балкан“ е во интерес на регионот

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека регионалната иницијатива, која од вчера се нарекува „Отворен Балкан“, е важна за иднината на граѓаните и е во интерес на регионот, поради што нејзината имплементација ќе продолжи и покрај сите критики, јави дописникот на МИА од Белград.

-Имаше многу позитивни и многу негативни реакции, но освен бесмислената политика на затворање и ксенофобија, не слушнав сериозни аргументи против тоа, изјави Вучиќ сумирајќи ги заклучоците по вчерашниот самит во Скопје.

Вучиќ изјави дека слушнал и критики од некои европски центри, и покрај тоа што регионалната иницијатива се базира на принципите на слободен проток на стоки, капитал, услуги и луѓе.

Тој кажа дека разбира зошто некои од нив се лути, бидејќи не се во позиција да управуваат и да одредуваат што ќе се прави во регионот, туку дека ние самите ги преземавме работите во наши раце и самите си ја одредуваме иднината.

-И ние ќе продолжиме така, така прават слободните и независните држави. Работиме во наш најдобар интерес, ќе ги намалиме трошоците. Ова е голема и важна иницијатива за иднината, изјави Вучиќ.

Дека иницијативата ќе има многу противници, се виде, кажа тој, со реакцијата на Албин Курти, но и со реакцијата на дел од властите од Сараево, кои, како што истакна, не ги разбира, бидејќи тоа е во нивни најголем интерес.

-Но, можеби со толку многу искуство и знаење, јас не сум доволно професионален и способен да ги разберам нивните причини против оваа иницијатива … Но, тоа не е важно. Ние ќе продолжиме со тоа, бидејќи тоа е важно за нас, изјави Вучиќ во Велика Плана.

Премиерката Ана Брнабиќ оцени дека иницијативата „Отворен Балкан“ помеѓу Србија, Македонија и Албанија е една од најубавите работи што се случија во регионот од пред конфликтите во 1990 -тите.

– Таа е невероватна и зборува за тоа што можеме да направиме и што би можеле да направиме ако се приклучи целиот Балкан, изјави Брнабиќ во српскиот парламент.

Според директорот на Друштвото за истражување на политиката и политичката теорија, Владимир Павичевиќ, иницијативата „Отворен Балкан“ е најсериозниот проект за мир на Балканот и потенцијален економски напредок на нашиот регион во последните две децении.

– Кој не учествува во овој проект, не ги разбира тековните процеси во нашиот регион или во Европа – објави Павичевиќ на Твитер.

Од друга страна, професорот по трговија на Економскиот факултет во Белград, Зоран Богетиќ, оцени дека најавите за слободно движење на граѓаните и стоки во Србија, Македонија и Албанија со Иницијативата „Отворен Балкан“ се добри пораки, во кои треба да се верува само кога ќе се остварат.