Македонија
14. January 2020 - 16:47

Вселенската патријаршија не се откажува, автокефалноста на МПЦ-ОА во процедура

Се забрзува ли процесот за конечно признавање на автокефалноста на МПЦ – ОА? И покрај притисоците од руската и српската православна црква, Цариградската патријаршија не се откажува од намерата да го реши ова прашање.

Оптимизмот за скоро решавање на проблемот дојде по вчерашната средба на македонската државна делегација со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул.

“Навистина сме многу задоволни од средбата, охрабрени сме од зборовите дека ова наша заемна комуникација ќе продолжи и понатаму, и дека ќе почне еден динамичен дијалог во рамките на Вселенската патријаршија, се со цел да се надминат проблемите кои ги има Македонската православна црква”, смета Спасовски

Дека на маса била ставена автокефалноста на МПЦ потврдија и од Цариградската патријаршија. Вселенскиот патријарх, посочил дека ќе ги покани претставници на СПЦ и на МПЦ во Истанбул за понатамошни консултации околу решавањето на црковниот спор. Од Светиот синод се надеваат дека таква средба ќе се случи во најскоро време. Кој се ќе присуствува е работа на тој што ја организира, велат црковните претставници.

“Се надеваме дека ќе биде во идниот месец или до крајот на март. За СПЦ не знаеме дали ќе бидат поканети, не е наша работа...”, смета владиката Тимотеј.

За опозицијата, посетата на Цариградската патријаршија е класичен изборен маркетинг.

“Бесрамно, владата го пишува Зоран Заев како дел од владина делегација иако човекот повеќе не е во владата. Уште по безобразно е што СДСМ злоупотребува владина средба но ја злоупотребува и Цариградската Патријаршија за изборен маркетинг на Зоран Заев”, смета Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и Спасовски ја поистоветуваат државата со партијата, а се во функција на изборни цели.