Македонија
11. February 2024 - 16:52

Врсничко насилство во центарот на Скопје - чија слика е однесувањето на младите?

Ја влечат за коса, легнување на земја, удирање на боксови и се тоа пред публика...Вознемирувачко видео на врсничко насилство повторно се појави на социјалните медиуми и ја потресе јавноста. Тепачката ја прават две средношколки од скопска гимназија кои на брутален начин се пресметуваат со своја соученичка. Другите ученици снимаат и ја бодрат битката наместо да помогнат. Претепаното девојче завршило со повреди по телото, а родителите веќе го пријавиле случајот во полициска станица. 

Ова предизвика револт кај многу граѓани кои прашуваат каде згрешија возрасните. Зошто од ова видео не гледаме емпатија, другарство, нудење на помош туку снимка која треба некому да му донесе лајкови и популарност, а на девојчето сериозни трауми и последици од самиот чин. 

- Се наоѓаме во една ситуација кога треба да направиме баланс меѓу заработувачката и се она што значи глобализација и нашата сопствена грижа за развојот и менталното здравје на младите кои треба да растат, вели Мирјана Јовановска Стојановска-психолог

Психологот Стојановска вели тепачки меѓу ученици имало и во минатото, но тогаш ги гледале само неколкумина кои биле на лице место. Сега со современите трендови што им се достапни на младите, тие стануваат деструктивни и не мислат на последиците. Тинејџерката која е истепана ќе има последици, но мора да се види зошто е потребно користење на насилство, укажуваат експертите. 

- Што е тоа во нив што барале решение на ваков начин, кои се проблемите. Ние со колешки имавме идеја дека оние што го вршат булингот треба да бидат мета на работа. Очигледно имаат внатрешен проблем, не можат да си го средат животот, вели Стојановска.

Над 30 проценти основци пријавиле дека биле жртви на врниско насилсто. Околу 40 проценти средношколци навредувани и вербално и физички...Овие бројки само ги прераскажуваме од прилог во прилог, од година во година и се уште се само статистика без конкретни мерки.

- Многу се поголеми поседиците и притисоците од ова што се случува. Промените треба да бидат системски – Во Министерство за образование, за здравство, за труд и социјала мора да има база, структура што ќе се учи во училиштата, како младите да се грижат за менталното здравје, како да се социјализираат, вели Стојановска.

Дали последното видео со врсничкото насилство ја прелеа чашата за враќање на младите на прав пат, или ќе остане само со осуда на социјалните мрежи?