Во велешката болница спасен маж донесен во кома откако бил искасан од оси

Маж на околу 30 години од велешката населба Речани, целиот искасан од оси и во состојба на кома, денеска со Брза помош бил однесен итно во велешката болница.
Д-р Милка Панова од Брза помош во Велес, за МИА изјави дека повикот го добиле во 11.05 часот и кога стигнале, лицето било во кома и без знаци на живот, со повеќе убоди од оси на рацете, лицето и по целото тело.
-Веднаш го реанимиравме и му дадовме соодветна терапија, бидејќи беше очигледно дека лицето е алергично на оси и во состојба на кома, итно со нашето возило на Брза помош го однесовме во велешката болница, информира д-р Панова.
Д-р Eлена Левкова-Ќулумова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, за МИА изјави дека мажот бил донесен во тешка состојба, но по укажаната медицинска помош и по неколкучасовно посматрање се освестил и во добра здравствена состојба од велешката болница бил пуштен на домашно лекување.
Д-р Панова од Брзата помош вели дека каснувањата од оси, пчели, стршлени и други инсекти е често во летните месеци. Дел од каснатите сами се јавуваат во Брза помош, а има и во тешка состојба за кои случајот го пријавуваат нивни роднини и пријатели и случајни минувачи.
-Препорачливо е граѓаните да внимаваат каде и како се движат, а посебно оние кои се алергични на оси, пчели и други инсекти, да ја носат со себе потребната терапија за да го заштитат својот живот. Некои од алергичните кои не се заштитени, за жал, завршуваат и фатално, предупредува д-р Панова.
Таа информира дека годинава немало пријави за каснување од змија како во изминатите лета кога најчесто биле каснати луѓе кои работат во полињата и на отворено.
Ново на Сител
-

Медведев седми пат во кариерата елиминиран на стартот на Ролан Гарос
-

Иран објави три црвени линии во преговорите со САД
-

ЈПДП: Лентите за MTAG од 15 јуни ќе бидат исклучиво за корисници со електронски тагови
-

Автомобил се преврте на штипската улица „Панче Караѓозов“, по што заврши во двор на една од куќите
-

Мицкоски-Пленковиќ: Македонскиот пат кон ЕУ е исполнет со непринципиелни и неправедни блокади
-

Мотор влечел 12-годишно дете по улица во Драчево
-

Речиси 80 отсто од потрошувачката на струја во март е обезбедена од домашно производство
-

Три случаи на семејно насилство за едно деноноќие: приведени мажи во Битола, Куманово и Кичево
