Македонија
17. October 2019 - 12:24

Во Велес отворен 17 Меѓународен салон на стрип-„Велес 2019“

Стрип центарот на Македонија синоќа во ликовниот салон во Велес го отвори 17 Меѓународен салон на стрип –„Велес 2019“ на кој на  24 паноа се претставени 30 автори. Со една до шест страни по автор изложени се дела на слободна тема пристигнати на меѓународниот стрип конкурс. Изложени се и дела од Втората меѓународна стрип колонија која во Велес се одржа од 21 до 25 август на која учествуваа 16 автори од Финска, Хрватска, Словенија, Србија, Грција и од нашата земја.

Како што информира за МИА, Ване Трајков претседател на СЦМ-Велес годинава на меѓународниот стрип конкурс пристигнале 175 стрип дела од цел свет.

Тој појасни дека ќе биле и повеќе да не била објавена веста дека годинава поради финансиски средства нема да се додели првата наградата Гран при вредна 200 евра, бидејќи подржувачите на манифестацијата Министерството за култура и Општина Велес ги намалиле средствата.

Трајков  апелира до донаторите догодина да изнајдат начин и да го финансираат доделувањето на традиционалната првата награда Гран при со што ќе го задржат интересот на стрип авторите од цел свет да се пријавуваат на меѓународниот стрип конкурс.

-Тоа беше причина годинава да има помалку пристигнати дела за разлика од минатите години кога беа и над 300 стрип дела од цел свет, вклучувајќи ја и Австралија. Ние како организатори  сепак  сме задоволни од пристигнатите дела посебно од велешки стрип автори од сите генерации каде стрипот е се’ повеќе популарен. Поради тоа и  ние како иницијатори за развивање на стрип културата во земјава сме посебно горди, истакна Трајков.

За разлика од изминатите години кога  на отворањето на Меѓународниот салон на стрип беа  врачувани сите награди, годинава наместо во Велес истите да ќе бидат врачени во Скопје, на 30 октомври во Домот на културата „Кочо Рацин“.