Во Словачка одбележан Денот на Светите Кирил и Методиј

Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, во Република Словачка - 5 Јули, оваа година првпат беше прославен како државен празник. Празнувањето траеше четири дена, во кои низ земјата беа одржани многубројни културни и духовни манифестации.
Како што информираа денеска од Амбасадата на Македонија во Виена, главната манифестација се одржа во местото Терхова, во древната Моравија каде Светите Кирил и Методиј ја извршија својата четвртта и последна просветителска мисија.
По тој повод, во најголемата црква во Словачка што го носи името на Светите браќа, во Терхова, се одржа света архиерејска литургија на која служеа бискупот од Жилина Томаж Галис, епископот од Братислава Петар Руснак и Неговото Високо Преосвештенство монсињор Киро Стојанов од Македонија.
Светата литургија беше збогатена и со презентирање на дел од моштите на Свети Климент Охридски со што, на симболичен начин беше манифестирана илјадагодишната врска помеѓу Словачка и Македонија и меѓу Светите браќа Кирил и Методиј и нивниот најдобар ученик и основач на првиот универзитет во Европа Свети Климент Охридски.
Пред бројните присутни на Светата литургија свечена проповед одржа монсињор Киро Стојанов, кој укажа на грандиозното значење на делото на Св. Кирил и Методиј за словенските народи.
На Свечената литургија присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија во Република Словачка Василка Попоска Треневска, која во текот на престојот во Терхова оствари средба со градоначалникот на градот Јозеф Давидик, и со претставници на Словачкиот парламент. Во разговорите домаќините пројавија големо интересирање за посета на Охрид и други места во Македонија и за воспоставување чартер-врска помеѓу Охрид и регионалниот центар Жилина, познат по развиениот зимски туризам.
На големиот македонски активист, писател и библиограф Стојан Лековски, кој живее во Словачка, му беше оддадено посебно признание за неговиот ангажман за организацијата на годинашната манифестација - „Плава плакета на Светите Кирил и Методиј“.
Светата литургија и обраќањето на монсињор д-р Киро Стојанов дирекно ги пренесуваше словачката телевизија „Лукс", се наведува во соопштението од македонската Амбасада.
Ново на Сител
-

Христодулидис: Кипар е безбедна земја
-

Тригодишно дете од Штип затруено со „бензодиазепами“
-

Почна реконструкцијата и адаптацијата на спортската сала во комплексот на УКИМ
-

Пентагон: САД во првите шест дена од војната со Иран потрошиле над 11 милијарди долари
-

Инспектор на ДЗС сведочи за „Пулс“: Имаше хидрант, ама празен и само два ПП-апарати, а помошната врата беше заклучена
-

Кили починал во сон од инфаркт, ќе биде погребан во Еквадор
-

Царинска управа: Спречен обид за криумчарење 120 килограми тутун за наргиле на ГП „Блаце“
-

Дрејпер го елиминираше Ѓоковиќ и ќе се соочи со Медведев во четвртфиналето на Мастерсот во Индијан Велс
