Ракомет
22. November 2015 - 9:32

Во Скопје гостува европскиот шампион Барселона на мегдан со Вардар

 
 Актуелниот европски ракометен шампион, тимот на Барселона, попладнево гостува во Скопје на мегдан кај македонскиот првак Вардар.
 
Ова е дерби мечот не само на „Б’’ групата туку, и воопшто дерби од 8.коло во Лига на шампиони. Црвено-црните најавуваат дека ќе сторат се да и се реваншираат на Барселона за минатонеделниот минимален пораз кога во „Блау Грана’’ загубија со 30-31.
 
Со победа над фаворизираниот шпански тим, македонскиот првак ќе го преземе првото место на табелата токму од Барселона.
 
Потсетување, дека од РК Вардар најавија дека поради големиот интерес за овој меч како и од безбедносни причини, ќе има посебен режим на движење на возилата по главните улици околу Спортскиот Центар „Јане Сандански".
 
Натпреварот Вардар – Барселона ќе започне од 17 часот и 45 минути. 
 
Покрај овој меч во групата „Б’’ вечерва од 19 часот ќе играат Киелце и Колдинг.
 
Во средата беа одиграни натпреварите, Рајн Некар Ловен - Монпеље 25:21 и Кристијанштад - ПИК Сегед 32:34.
 
На табела, Барселона е водечка со 11 бодови, колку што има и Рајн Некар, но од натпревар повеќе. Вардар е трет со 10, а исто толку има и ПИК Сегед. По нив следуваат: Киелце со 8, Кристијанштад 4, Монпелје 4 и Колдинг 2 бодови.