Македонија
15. July 2017 - 13:37

Во Штип наплата на паркинг простор преку СМС порака

Во Штип почнува наплатата на паркинг местата преку СМС пораки од мобилните телефони на возачите. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип Игне Иванов, на денешната прес-конференција информираше дека наплатата на паркинг просторот преку СМС пораки почнува од понеделник.

Екипите на ЈП „Стипион“ денеска ги поставуваат таблите на паркинг местата на кои на возачите им појаснуваат на кој телефон и како да ја испратат СМС пораката за да си платат за паркинг местото на кое го паркирале соптсвеното возило.

- Не е ништо по различно од другите градови каде што има ваква пракса. Сите информации кои што тие треба да имаат и евентуално да имаат грешка во праќањето на СМС пораката ќе добијат информација, каде што на кој начин ќе можат да го исправат сето ова. Значи сите потребни информации ќе ги добијат на СМС порака, вели Иванов.

Истакна дека цената за наплата на паркинг местата во Штип си останува иста, односно за еден час е 20 денари, а секој дополнителен час е по 15 денари. Грепките кои се продаваат на трафики и на други продажни места ќе се искористат додека ги има во залиха и додека граѓаните се навикнат на новиот начин на наплата на паркинг местата.

Иванов забележа дека нема ниту корекција во месечните и годишните билети, и дека ценовникот е донесена од страна на Советот на  Општина Штип. Екипите на ЈП „Стипион“ и понатаму ќе го контролираат паркирањето низ централното градско подрачје, а за оние кои нема да ги го платат паркирањето на возилото има и блокатори, за што и дополнително се наплаќа. Наплатата на паркинг местата засега се врши во централното градско подрачје.