Балкан
5. April 2021 - 8:55

Во Сараево утре антивладин протест поради лошиот одговор на пандемијата

Група граѓани и активисти за утре најавија протести против политичарите во БиХ, кои ги сметаат за одговорни за доцнењето со набавката на вакцините против коронавирусот.

Како што е наведено, граѓаните се повикани утре, на денот на градот Сараево, да се бранат заедно од оние кои „безочно си играат” со нивните животи. Тие бараат неотповиклива оставка од Советот на министри на БиХ и од Владата на Федерацијата БиХ.
 
– За сите што ќе користат како аргумент дека со тоа би настанал хаос и институции без лидерство, нашиот одговор е дека институциите се веќе без лидерство и дека живееме во хаос во кој умираат во просек по 50 наши сограѓани секој ден, а тие покажаа и докажаа дека не се способни и не можат да се справат со пандемијата, велат организаторите на протестот.

Списокот на нивните барања, како што објавија сараевските медиуми, вклучува назначување нов состав на Советот на министри на БиХ и Владата на Федерацијата на БиХ, на кои им беа дадени две недели да излезат со јасен и реален план за управување со кризи и борба против пандемијата,и итно воведување на ПЦР-тестови за сите што влегуваат во БиХ.

Во исто време, Граѓанската иницијатива за БиХ објави целосна блокада на Сараево, доколку проблемот со Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево (КЦУС) не биде решен до вторник, 6 април.

Граѓанската иницијатива наведе дека фактот што раководството на КЦУС не дозволува никој да влезе во болницата, „алудира дека нешто да се крие”.

– В понеделник, 5 април, оваа група граѓани ќе поднесе кривична пријава до Обвинителството на кантонот Сараево против раководството на КЦУС, потпишана од повеќе од 3 000 граѓани, соопшти претходно Граѓанската иницијатива за БиХ.

Тие најавија дека ќе побараат од владите на Федерацијата БиХ и Сараевскиот кантон да ја преземат контролата над Клиничкиот центар во Сараево, со цел „да се запре криминалот во таа институција, што резултираше со десетици смртни случаи, чии животи, судејќи според признанија на вработени во Клиничкиот центар, можеле да бидат спасени “.