Македонија
29. November 2019 - 12:48

Во Ресен формиран Научен совет за Преспанско Езеро

Општина Ресен формира Научен совет и Совет на засегнати страни кои ќе работаат во функција на подрачјето на Преспанско Езеро ко е прогласено за Споменик на природата.

Според градоначалникот Живко Гошаревски, со формирањето на Научниот совет значително ќе се подобри сегментот на управување со подрачјето и ќе се овозможи донесување квалитетни и стручни одлуки.

-Преспанското Езеро е природен споменик со исклучителни регионални, национални и меѓународни вредности. Воедно, ние сме свесни дека тоа е загрозено од природните и антропогените влијанија, поради што е потребно плански да се работи и заштитува. Општина Ресен, како субјект задолжен за управување со заштитеното подрачје „Споменик на природата Преспанско Езеро“, согласно Законот за заштита на природата, формираме Совет на засегнати страни и научен Совет, се со една цел, поефикасно управување со заштитеното подрачје, истакна Гошаревски.

Учесниците на основачките седници на Научниот совет и Советот на засегнати страни избраа претседател, заменик претседател и секретар за секој совет одделно.