Македонија
15. July 2018 - 16:33

Во Прилеп денеска беше подигнат споменик на Ненад Серафимовски

Во Прилеп денеска беше подигнат споменик на Ненад Серафимовски, еден од 8-те мина загинати припадници на безбедносните сили при терористичките напади на 9 мај 2015 година во кумановско Диво Насеље. Тој беше член на единицата за специјални задачи „Тигар“ од 2014 година. Серафимовски од гостиварско Зубовце по мајка е прилепчанец и токму затоа споменикот беше поставен во градот херој.

„Барем на ваков начин овде во паркот кај судот во Прилеп, ќе можеме да го посетуваме нашиот драг Ненад Серафимовски. Слава му!“, рече Мариче Јованоска, братучеда на Серафимовски.

Од единицата за специјални задачи „Тигар“ истакнаа дека нивна должност и светост сега и во иднина останувало да го чуваат и со гордост да го пренесуваат споменот за неговата човечност, добрина и професионална посветеност.

„Ненад ја направи својата најголема жртва, но и почест. Загина во исполнување на службена должност, во одбрана на татковината и зачувување на нејзиниот интегритет. Ние оние што останавме со скршено срце, ускратени за еден другар, колега, ќе продолжиме да чекориме по патот по кој тој чекореше достојно, сигурно и чесно и секогаш со највисок степен на професионално извршување на работните задачи“, истакна припадник на единицата за специјални задачи „Тигар“

Адвокатот на 4 семејства од загинатите приипадници на безбедносниите сили, Жарко Стеваноски, изјави дека имаат постапка за утврдување на одговорност кај структурите на МВР за да се дознае вистината кои се мотивите и нарачателите за овој злосторнички чин.

„До претставниците на МВР одамна имаме иницирано постапка, кој што бараме да се утврди преку внатрешна ревизија, одговорност на структурите на МВР и се надеваме дека исходот од истата ќе заврши онака како што очекуваат и семејствата, односно ќе заврши во полза на откривање на вистината за настаните од Диво насеље“, изјави Жарко Стеваноски, адвокат на семејството Серафимовски.

Инаку од 37-те обвинети за тероризам во Диво Насеље 7 мина добија доживотна казна затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, 6 по 20 години, еден обвинет 18 години, 2 по 14 години, 2 по 13 години затвор и 2 по 12 години затвор, а имаше и 4 ослободителни пресуди. Адвокатите на обвинетите поднесоа жалба до Апелација која уште се разгледува. Се очекува конечната одлука Апелација да ја донесе по завршувањето на летото. Се уште во тек е и постапката за барањето на меѓународна експертиза целиот случај.