Македонија
16. May 2020 - 16:31

Во понеделник на пладне нова лидерска средба

Во понеделник точно на пладне лидерите на парламентарните партии повторно седнуваат на масата на претседателот Пендаровски во обид да договорат датум за избори.
Власта бара изборите да се одржат во првиот можен термин.

Предвремените парламентарни избори, кои веќе се распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања и гласањето да бидат усогласени со заштитните протоколи, бидејќи сите параметри и официјални податоци покажуваат дека епидемијата е ставена под контрола.

Последната одлука на Уставниот суд, ја потврдува уставноста на владината уредба да се запрат предизборните активности зa распишаните избори поради корона вирусот. Тоа значи дека роковите за изборниот процес продолжуваат по завршување на вонредната состојба – стои во соопштението на СДСМ.

За ВМРО-ДПМНЕ такви избори ќе бидат некредибилни, Опозицијата обвинува дека власта ја користи вонредната состојба за предизборно да дели пари како поткуп за гласачите.

Идејата за брзи избори не ги воодушеви големите албански партии. Дел од нив и јавно побараа тие да се одржат на крајот на летото.

На последната лидерска средба на почетокот на неделава лидерите се договорија да побараат стручни мислења од здравствените власти но и државната изборна комисија и миисијата на ОБСЕ за тоа кога ќе има услови за одржување на изборите.