Македонија
28. August 2019 - 12:05

Во Охрид се празнува Голема Богородица, голем сенароден собор во Скребатно

Православните верници од Охрид и околината денеска со верски обичаи го одбележуваат празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот познат уште и како Голема Богородица.

По повод празникот, Света архиерејска литургија во Дебарско-кичевската епархија утрово се служеше единствено во црквата Св. Богородица – Каменско во Охрид, а со богослужбата чиноначалствуваше владиката Тимотеј.

Инаку, по повод празникот кај црквата посветена на Богородица во излетничкото место Скребатно во близина на Охрид традицонално веќе се одржува голем црковно-народен собир, на кој присуствуваат повеќе илјади верници.

За празникот Успение на Пресвета Богородица се приготвува и дели ручек за пет илјади луѓе, со што се продолжува заветот даден пред повеќе од два века. Секоја година на празникот во Скребатно се одржува наддавање за светиот крст, а средствата собрани од учесниците во наддавањето се искористуваат за надградба и одржување на светиот храм и веќе познатото излетничко место.

Црквата „Света Богородица“ во Скребатно целосно е возобновена пред 15 години, врз темелите на стариот храм чија старост не е точно утврдена. Скребатно по прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година. Граѓаните по потекло од селото Скребатно што денеска нема ниту еден жител не само што ја чуваат традицијата, верата и обичаите туку претставуваат и вистински пример како треба да се сака и надградува едно свето место.