Македонија
16. March 2016 - 13:10

Во Охрид работна средба посветена на унапредување на правото на безбедна и здрава работна средина

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска во Охрид го одржуваат деветтиот работен состанок организиран во рамки на Проектот „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина – Основно човеково право“

Весна Ристовска од МССПР истакна дека интенција преку ваквите средби поддржани од ЕУ е да се зајакне соработката на граѓаните организации и државните институции во промоција на безбедни и здрави работни места, зајакнување на капацитетите на претставникот на вработените за безбедност при работа и подигање на јавната свест во унапредување на безбедноста и здравјето при работа во Македонија.

Претседателот на ССМ Живко Митрески истакна дека овие активности се во насока на остварување на една од најзначајните, стратешки цели на синдикалното здружение.

-  За обезбедување сигурни работни места е и овој проект што го реализираме заеднички со МЗЗПР, со вклучување и на работодавачите и граѓанските организации, се во насока на имплементирање на измените и дополнувањата на Законот за безбедност во работа. Тоа се суштински измени, оттаму што предвидуваат обезбедување зајакната позиција и на претседателите на синдикалните организации и на останатите субјекти, особено на претставникот за безбедност и здравје при работа, истакна меѓшу другото Митрески.

Тој појасни дека со измените на синдикатите им се обезбедува право да даваат мислења по однос изјавите за безбедност при работа, што се задолжителни при воведувањето нови технологии и нова опрема.

-  Она што е најбитно во конкретниот случај, се обезбедува можноста синдикалецот најмалку двапати годишно да врши проверка на работните услови и за прв пат можноста да го стопира процесот на производство, односно да повика надлежни институции да ги проверат состојбите. Поради воочените низа проблеми при изготвувањето на записниците при проверките на инспекторите на труд, сега задолжително е присуство на претставник на синдикатите, рече претседателот на ССМ. Како придобивка од измените од Законот тој ги посочи и обврските за обуки за ранливите категории граѓани како жените и младите лица, како и обуки за студентите кои првпат учествуваат во процесот на работа.

Потпишан е и Меморандум за заедничко дејствување заедно со Државниот инспекторат на труд и Организацијата на работодавачи на Македонија кој, според првиот човек на ССМ,предвидува низа мерки односно претставува еден социјален трипартитен систем што има за цел обезбедување максимално добри услови за работа.

Инаку, статистичките податоци од неофицијалниот извештај на МЗЗПР покажуваат дека во Македонија во изминатиот период постои висока стапка на професионални несреќи, споредбено со податоците на ниво на ЕУ. Така во 2014 година во Македонија се регистрирани 130 несреќи од кои 42 со фатални последици, што ја прави стапката на смртност 6,03 односно шестмина загинати на сто илјади вработени.

Митрески од своја страна забележа драстично подобрување на состојбите во делот на безбедноста и здравје при работа, последните седум месеци откако претставници на синдикатот се на терен.

-  Добро е што тој неповолен тренд е во стагнација. Минатата година смртноста при работа е намалена на само четири случаи, така што со засилени мерки ќе дојдеме до позиција да можеме да зборување за безбедни услови за работа. Не можеме тоа да го реализираме сами како синдикат,затоа настојуваме да вклучиме што повеќе субјекти во процесот на подобрување на условите за безбедност при работа, рече тој.

Предвидено е во рамки на проектот  „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина – Основно човеково право“ после одржувањето на ваквите средби, ќе биде изготвена студија спровена на ниво на Македонија, што ќе покаже како функционира дијалогот во рамки на процесот на работа, односно како се применуваат новите измени во легислативата.