Македонија
13. January 2019 - 18:06

Во Македонска Каменица промовиран традиционалниот специјалитет ,,Цревеник”

Во организација на Здружението на пензионери, во Македонска Каменица денеска се одржа традиционалната манифестација организирана по повод Стара Нова година. На пензионерската забава, присуствуваа над 260 пензионери од Македонска Каменица, како и пензионери гости од регионот.
 
Како што истакна претседателот на Здружението на пензионери Видое Конески оваа традиционална забавна програма организирана по повод Стара Нова година, по манифестацијата „Бабина Баница“, е една од најзначајните што ги организира Здружението во текот на годината.
 
-Сакам да напоменам дека, одличната соработка со локалната самоуправа продолжува и оваа година, и на иницијатива на Општината, започнавме проект кој е белег на годинешнава манифестација, а тоа е промоција на еден стар каменички специјалитет, баница со црева, кој ние го викаме „Цревеник“. Ме радува што вечерва, на забавата имаме над 260 присутни пензионери од Македонска Каменица и регионот. Се надевам дека оваа убава традиција ќе продолжи и во иднина, рече Конески.
 
Иницијативата за промоција на „Цревеникот“, како специјалитет кој денес се подготвува насекаде во регионот, е на општина Македонска Каменица.
 
-Идејата се роди минатата година, во подготовките за традиционалната „Бабина Баница“ која е во организација на Здружението на пензионери. Ме радува фактот, што таа идеја за промоција на „Цревеникот“ веќе прераснува во реалност. Ние како општина и како граѓани на Македонска Каменица ќе продолжиме кон промоцијата на сите посебности и одлики кои ги има нашето поднебје, богато со фолклор, традиција и култура, изјави Соња Стаменкова, градоначалник на општина Македонска Каменица.
 
Додаде дека во подготовка е и видео материјал од специфичниот начин на подготовка на овој специјалитет, кој ќе биде искористен за национална промоција на „Цревеникот“ како дел од каменичката трпеза во минатото и денес.
 
Од општината се надеваат дека ваквиот пристап на промоција на традиционалните вредности, автентични и карактеристични за каменичкиот крај ќе допринесе „Цревеникот“, во скора иднина, да се најде и на менито во рестораните во Македонска Каменица.