Бизнис
12. September 2018 - 14:21

Во Кавадарци се спроведува акција за предупредување на возачите на технички неисправни трактори

Кавадаречката полиција деновиве спроведува акција за предупредување пред изрекување на санкции за неисправни трактори пуштени во сообраќај, информираше за МИА портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски. 

Тој наведе дека  се делува превентивно во екот на гроздоберот,  кога има зголемено присуство на трактори по патиштата, во Тиквешко како најголем лозаровинарски регион во Македонија. 

- Сите возачи кои се движат со своите технички неисправни трактори или товарни возила, се повикуваат на поука. Таму се подучуваат дека техничката исправност е задолжителна, поради безбедност на сите учесници во сообраќајот. Особено е важна светлосната сигнализација, зашто неретко ноќе на пат може да се сретне трактор без исправни светлосни уреди, нагласува Додевски.

Тој додаде дека целта на акцијата е да нема сообраќајки предизвикани поради неисправни трактори за време на гроздоберот.  Доколку ваквите мерки не вродат со плод, следуваат репресивните мерки.