Македонија
27. January 2016 - 12:16

Во касата на Македонска Каменица се слеале 1,3 милиони денари од наплата на данок на имот

Во општинската каса на Македонска Каменица на име даноци од имот лани се слеале 1,3 милиони денари што е 90 проценти наплата на данокот на имот во оваа рударска општина.
 
Како што информираше за МИА, Данче Ангеловска од Одделението за финансии во Општина Македонска Каменица, оваа наплата задоволува и во споредба со 2014 има зголемување во наплатата на данокот на имот од 1,4 проценти.
 
- Наплатата на данокот на имот во споредба со данокот од комунална такса и фирмарина е многу подобра. На име комунална такса за 2015 година во општинската каса влегле 766 илјади денари од планираните 1,2 милиони денари. И за годинава, овие даноци се планирани во исти размери, односно во буџетот за 2016 година на име данок на имот се планирани 1.3 милиони денари, додека на име на комунална такса и фирмарина 1.2 милиони денари, рече Ангеловска.
 
Овие даночни ставки во вкупниот буџет на Општина Македонска Каменица зафаќаат 0,5 проценти. Основниот буџет на Општината е 230 милиони денари, а вкупниот 354 милиони денари. Инаку, во основниот буџет на Општината за годинава се вкалкулирани и средствата кои Македонска Каменица ги добива од концесијата на рудникот Саса. Годинава тие се планирани во износ од 140 милиони денари.