Во јавниот сектор вработени вкупно 129.653 лица

Во јавниот сектор во Република Македонија се вработени вкупно 129.653 лица, посочува најновиот Годишен извештај за 2016 година на Министерството за информатичко општество и администрација кој произлегува од регистарот на вработени во јавниот сектор.
Извештајот нуди анализа на структурата на податоците за 110.311 вработени во јавниот сектор, од кои жени се 59.111, а мажи 51.200, а просечната возраст изнесува 45,4 години. Извештајот не нуди податоци за структурата на 19.342 лица кои се вработени во АРМ, МВР и Агенцијата за разузнавање поради чувствителноста на податоците.
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска изјави дека Извештајот нуди сериозна анализа на обемот и структурата на вработените според пол, возраст, образование и етничка структура во јавниот сектор, како и анализа на организацијата на државата со класификација на институциите основани од државата.
- Самиот начин на кој е прикажан Извештајот дава и приказ на моменталните состојби и трендовите во јавниот сектор споредено со податоците од минатата година. Целта ни е со подготовка на ваков извештај, кој произлегува од регистарот на вработени да обезбедиме на едно место податоци и за институциите и за државата кои понатаму ќе ни послужат за планирање на човечките ресурси, за подготовка на следната стратегија за реформата на јавната администрација за периодот 2017-2022 година, а на стручната и научната јавност ќе и овозможат да врши истражувања и анализи во однос на јавното управување. Извештајот ќе обезбеди и транспарентен и отчетен начин на кој Министерството сака да ги сподели овие податоци со јавноста и со тоа да престанат сите шпекулации во иднина кои се однесуваат на бројот и структурата во јавниот сектор, рече Арсовска Томовска.
Професорот Борче Давитковски, кој е еден од лицата ангажирани во подготовката на Извештајот, истакна дека станува збор за идеален, уникатен документ и еден од првите во регионот кој нуди и структурна и организациска презентација на јавниот сектор во Република Македонија. Документот, додаде тој, дава и приказ на трендовите во развојот на администрацијата.
- Бројот на вработени во Армијата, во образованието и здравството расте. Во образованието, веројатно заради отворените нови универзитети. Инаку, во однос на класичните државни службеници во министерствата бројот, за жал, опаѓа и доколку се земе бројката во тотал и се спореди државната администрација во однос на останатите вработени во јавниот сектор и вработените во приватниот сектор ќе видиме дека согласно европските и светските стандарди нам ни фалат луѓе во државната администрација, додека јавниот сектор сметам дека е преоптеретен. Тој тренд треба добро да се нотира и да се испита. Тренд се и рамковните вработувања кои од 10 отсто пораснале на 19,4 проценти, односно околу 20 проценти, потоа стареењето на нашата администрација, како и тоа што женската популација преовладува во администрацијата, рече Давитковски.
Одговарајќи на новинарско прашање Арсовска Томовска истакна дека бројот на вработени во јавната администрација минатата година е зголемен за околу еден процент, и тоа во областите здравство, социјала и образование, додека пак, има намалување на бројката вработени во органите на управа. Ова, како што вели, благо зголемување на бројот се должи на вработувањата спроведени согласно Законот за трансформација на работни места на лица кои беа ангажирани со договори, како и на вработувањата во МВР и Министерството за одбрана.
Таа изјави дека Извештајот нуди и сериозна анализа за состојбата со рамковните вработувања и како таа да се реши.
- Вработувањата преку Секретаријатот за рамковен договор, претставуваа сегрегиран канал на вработување на припадниците на помалите етнички заедници, и најчесто профилот на овие луѓе не одговараше со оние профили потребни во јавниот сектор како лекари, наставници, негуватели, војска полиција...Се прави напор тие да се распоредат. Досега се распоредени 1.000 лица, останува да се распоредат и останатите лица, затоа што со статусот на државни службеници лимитиран е бројот на институции каде може да се распоредат, појасни Арсовска Томовска.
Инаку, додаде, во институциите каде може да се распоредат правичната застапеност е одамна надмината, останува да се најде технички простор за сместување на овие лица, за што најави мерки од новата влада.
За професорот Давитковски на бројката утврдена со регистарот на вработени треба да се додаде и бројот на функционери, како и на вработени во трговските друштва што се во сопственост на државата со што според него бројот на вработени во јавниот секотор би бил околу 145.000 лица. Дополнително, како што рече, треба да се земат предвид и склучените договори на дело од страна на институциите.
Според Давитковски, преку 50 отсто од буџетот на државата оди за плати во јавниот сектор, а овој извештај треба да послужи како основа за пристапување кон негова реформа, односно димензионирање согласно потребите, што значи прераспоредување на вишокот вработени или отпуштања.
- За реформи во јавната администрација потребна е пред се политичка волја, оти без неа нема ниту една реформа да успее и да ја направиме вистински сервис на граѓаните, рече Давитковски.
Изготвувањето на единствен регистар на сите вработени во институциите на јавниот сектор е законска обврска на Министерството за информатичко општество и администрација. Ова е втор Годишен извештај подготвен од МИОА.
Ново на Сител
-

Владата утре ќе прогласи кризна состојба, за да се користи мазут од стоковите резерви
-

Тема на денот со Благоја Ралповски, претседател на КСС
-

80-годишнината МНТ ја прославува со сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето - Made in MNT“
-

Преглед на вестите од светот
-

Анита Тополова Исајловска избрана за в.д државен јавен обвинител
-

Трамп ја менува Агелер, амбасадорката на САД во земјава
-

Откако се раздвоија на патот кон ЕУ, сега Албанија ја поддржува европската интеграција на Македонија
-

Мисајловски: Нема да испраќаме македонски војници во Украина
