Македонија
8. April 2016 - 10:58

Во Гостивар поднесени уште 4.072 барања за легализација на дивоградби

До истекот на вториот рок за поднесување барања за легализација на дивоизградени објекти во секторот за урбанизам на општина Гостивар доставени се нови 4.072 барања, информираат од локалната самоуправа.

- Нашите служби работеа со продолжено работно време за да може да се одговори на потребите на граѓаните. Тие во значителен број се одѕваа на нашиот повик и конечниот исход е очекуван и задоволителен, вели Дитмире Шеху од општина Гостивар,

Таа нагласи дека сопствениците на нелегални објекти кои барањата за легализација ги поднеле во вториот рок, должни се документацијата да ја комплетираат со геодетски елаборати најдоцна до декември 2017-та година.

Граѓаните пак кои барањата ги доставија во првиот рок за геодетски елаборати имаат време до крајот на годинава.

- Во првиот рок за легализирање беа поднесени 8.641 барања од кои повеќе од половината се процесуирани и граѓаните имаат добиено правосилни решенија. Ги повикуваме сите кои поднеле барања во првиот рок да ги докомплетираат предметите со елеаборати до крајот на годината, подвлече Шеху.

Измените во Законот за легализација на бесправно изградени објекти беа донесени во декември 2015-та година. Со нив рокот за поднесување на барања беше продолжен до 31 март годинава.