Македонија
18. February 2019 - 15:37

Во Делчево зголемен процентот на имунизација на деца Роми

Отпочнувањето на проектот „Имунизација на деца Роми”, воведувањето Ромски здравствен медијатор, како и зголемениот број на патронажни посети на терен допринесоа за зголемување на процентот на опфат на имунизирани деца Роми. Според Зекир Абдулов, извршен директор на невладината организација КХАМ зголемувањето на вакцинираните деца се должи на се поголемата едуцираност на ромската заедница за важноста од примањето на вакцините.
 
-Процентот сега е зголемен дури за 15 отсто, односно опфатот на имунизирани деца Роми изнесува 95 отсто, за разлика од 2011 кога истиот изнесуваше 80 проценти. Како резултат на силната антивакцинална кампања во последната година дојде повторно до појавата на морбилите, болест која е од минатите векови. За среќа тоа не е случај и во Делчево и со задоволство можеме да истакнеме дека нема ниту едно дете ниту ромче, ниту македонче заболено од морбили. Ова го сметаме и како резултат на нашиот ангажман како невладина организација, каде допринесовме да се подигне свеста за важноста на имунизација на деца Роми, вели Абдулов.
 
Според податоците кои ги соопшти Ромскиот здравствен медијатор моменталната состојба на вакцинирани деца од една до15 години во Делчево изнесува четири невакцинирани деца.
 
Ова, според претстававниците на НВО „КХАМ” се должи на неодговорноста и нередовноста од страна на родителите, кои пак од друга страна не се противат на вакцинирањето.
 
Според податоците од Здравствениот дом во Делчево од појавувањето на епидемијата на морбили во Скопје, во Делчево не е регистрирана појава на болеста кај ниедно дете.